мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Митот за ВМРО – службена историографска лага

Практично, за датумот 23 октомври 1893 – што денес го славиме како државен празник – немаме поверодостојни податоци отколку за последната вечера што Христос ја имал со своите ученици дента пред да пред да го почне своето враќање на небото.

За разлика од историските случувања, за митовите не се потребни пишани докази и документи: тие се приказни за почетоците, за нивните први причини и цели на постоењето. Поради тоа веродостојноста на митовите никогаш не се докажува – во нив се верува поради нивната светост, зашто потекнуваат од старите преданија што преку нашите дедовци стасале до нас. Името на митот му потекнува од грчкиот збор mythos со значење на „збор“, но како завршен исказ или повеќе како „изречен збор“, што во грчкиот јазик драматично го разликува од logos кој исто така означувал „збор“, но кој требало да има смисла, што може да се докаже и провери. Токму овие контроверзни причини – опскурното потекло на митот, невозможноста за проверка и непознавањето на неговите творци – стануваат општоприфатената гаранција за неговата веродостојност и автентичност.

Од друга страна, историјата е дисциплина што својата веродостојност ја заслужува со собирање, споредување и докажување на нештата преку автентични записи односно историски документи. Зборот „историја“ доаѓа од грчкиот збор historie, кој бил со јонско потекло и првобитно значел „истражување“ за подоцна да го добие денешното значење на запишано минато. Но, кога историјата во своите истражувања ќе се приближи до почетоците на појавите, кога методата на докажување и споредба на документи веќе не може да се примени поради недостаток на пишуваните извори, таа – историјата – неминовно почнува да се потпира на преданијата чиишто извори и се непознати. Овој методолошки проблем станува примален грев на сите национални истории што ги опишуваат јуначките настани што ја породиле нацијата. Тука преточувањето на митовите во историја и обратно – пишувањето на митови со историографски алатки, станува службена задача на националната историографија.

Придонесот на историографијата

Овој примален грев на историографијата е уште повеќе нагласен со вториот најголем епистемиолошки проблем на професијата – со толкувањето на историските документи низ призмата на подоцнежните случувања и современите состојби, значи со прекројувањето на минатото според потребите на сегашноста. Кога веднаш по основањето на слободната македонска држава пред историографијата се истопори огромната задача да се создаде и историскиот наратив за преднаталните настани и херои што биле клучни за самоспознавањето на културната и националната посебност и за револуционерната борба што резултирала со државност, на историчарите не им била доволна четиригодишната епопеја на антифашистичката борба, туку решија по секоја цена да воспостават континуитет на македонската револуционерна борба за слобода наназад до првите револуционерни дамари од крајот на 19 век.

Во оваа невозможна мисија на барање на датум на почетокот на борбата, име на клучниот херој што го положил својот живот за денешната Македонија и така симболично станал еден од столбовите на македонската државност, и конечно, организацијата што ја почнала револуционерната епопеја, македонската службена историографија, не само што влегла во митолошката територија, туку и во селектирање факти, па дури и во конструирање митови што се темелат врз чиста лага. Така настанал лажниот мит за ВМРО.

ВМРО е основана 1919 година во Бугарија, како терористичка организација што требало со атентати и терор да ја подрива српската окупација на „светите бугарски земји“ и да го обезбеди присоединувањето на Вардарска Македонија на матицата – Бугарското Царство. Оваа организација се прослави не само со атентатите врз српски великодостојници – меѓу кои и убиството на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ – туку уште повеќе со терор, грабеж, изнудување и уцени и егзекуции на повеќе илјади македонски цивили. На крајот, ВМРО стана засебна мафијашко-терористичка држава во рамки на бугарската држава, што резултираше со нејзиното забранување 1934 од страна на царските власти и нејзиното формално исчезнување. Нејзините водачи, меѓутоа, и мнозина нејзини членови подоцна се „прославија“ и со активното учество и соработка во окупацијата на Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор од 1941 до 1944 и во убивањето на македонските комунисти и партизани. Па, како е можно оваа одвратна профашистичка мафијашко-терористичка организација да стане – ретроспективно – заедничкото име за целата македонска револуционерна борба од крајот на 19 век и потаму?

Како што веќе објаснив, во прашање била најверојатно желба да се обезбеди еден чисто македонски – ретроактивен и лажен – револуционерен континуитет, за кој практично немало ниту никакви историски докази. А, името на организација што ја започнало револуционерната борба за македонската државност испаднало вистински проблем за исполнувањето на оваа амбиција. Имено, за основањето на револуционерната организација во 1893 година постојат само фрагментарни сеќавања од некои од шесте основачи, но сите биле сложни дека на основачкиот состанок за името на организацијата не станало ниту збор.

И македонска и антимакедонска

Практично, за датумот 23 октомври 1893 – што денес го славиме како државен празник – немаме поверодостојни податоци отколку за последната вечера што Христос ја имал со своите ученици дента пред да пред да го почне своето враќање на небото. Но, името на организацијата сепак било одредено на Солунскиот конгрес во 1896 година и за тоа постојат документи – Уставот и Правилникот на организацијата, кои ги пишуваа Ѓорче Петров и Гоце Делчев, и таа била наречена Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети или скратено БМРОК. Подоцна, под влијание на Гоце Делчев, организацијата била преименувана во Тајна македоно-одринска револуционерна организација или ТМОРО, што било потврдено со измени во нејзиниот Устав на конгресот одржан во Солун 1902 година. Како, по ѓаволите, испаднало дека ВМРО постоела безмалку 26 години пред да се основа?!

Испаѓа дека најверојатно претежнала потребата да се избере име на организацијата што нема да ја содржи бугарската припадност во насловот, а ниту пак одринската територијална одредница што по балканските и Првата светска војна останала во Република Турција. И така, околу лагата за ВМРО – за чиешто постоење во своите животи не слушнале ниту Гоце ниту Даме ниту Ѓорче – од сосем спротивни причини се сложиле и македонската и бугарската историографска заедница. Првите поради тоа што во името ВМРО постои само македонската одредница, а вторите затоа што од секогаш знаеле дека таа „чисто“ македонска организација била секогаш антимакедонска и пробугарска по својата суштина, цели и активности, и секогаш се борела за остварување само на бугарските аспирации за спојување на македонските земји кон бугарската матица.

Но, зошто јас залудно ја „разоткривам“ оваа митолошка лага, кога мојот младешки гуру Марк Твен уште одамна ми има шепнато на уво, да го чуе целиот свет: „Колку е лесно да ги натераш луѓето да поверуваат во лага, и колку е потешко потоа да ги увериш дека биле излажани!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот