Марија Митева портпарол на владата на РСМ/Фото: Скриншот

Митева за побараните оставки: Жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофили

Откако на вчерашната редовна прошетка на родителите, семејствата и блиските на загинатите во трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани, „Марш на ангелите“ од еден родител беше побарана одговорност и оставка од премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а беа упатени и погрдни зборови на нивна сметка, портпаролката на Владата Марија Митева овие изјави ги коментираше како „лични навреди кои политички структури имаат за цел за да ги искористат во некоја политичка позадина“.

-Можам да кажам дека во целост ја разбираме како Влада нивната болка, тоа неколку пати досега сме го кажале. Но, од друга страна морам да кажам, со жалење, дека беа слушнати лични напади кои што пак политички структури имаат за цел да ги искористат во некоја политичка позадина. Навистина жалам што некои политички структури имаат традиција на некрофили – одговори Митева на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата, свикана по повод одлуката која Владата ќе ја донесе следната седмица одморалиштето Пониква да им послужи за рехабилитација на повредените од пожарот во Кочани.


Одморалиштето Пониква кое е во сопственост на МВР ќе се стави на располагање на Министерството за здравство за повредените од пожарот да добијат здравствена нега и психолошка поддршка од стручни терапевти.

-Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите. Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба – нагласи Митева.

Портпаролката на владата ја опиша оваа мерка како институционален одговор, израз на одговорност и посветеност кон секој поединец.

-Нема ништо поважно од човечкиот живот и достоинството на луѓето, затоа како Влада ќе продолжиме да делуваме одлучно, организирано и со целосна грижа кон пациентите – потенцираше Митева.

Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија. Според владата се работи за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување.

Таткото на загинатиот тапанар од ДНК ѝ остави 2.000 денари на власта на улица во Кочани, да дојдат да запалат свеќа

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот