фото: rkalkaloid.mk

Митев: РК Алкалоид ќе застане цврсто подготвен пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона

Минува првата недела исполнета со тренинзи и ракометниот клуб Алкалоид веќе е пред втората фаза од подготовките за претстојната сезона која ќе биде исполнета со големи предизвици уште од самиот почеток.

Марко Митев, играчот кој за кратко време ја освои ракометна Македонија со својата пожртвуваност, бескомпромисност и неспорен квалитет, новата сезона ја почнува со тренинзи дизајнирани за побрза рехабилитација и враќање на терен кое се очекува во есенскиот дел од сезоната.

– Во тек се подготовките за новата сезона. Секој од нас посветено работи и се подготвува за претстојната сезона. Условите за работа во РК Алкалоид, како и до сега, се врвни, исклучително професионални и се на највисоко ниво. За тоа зборуваат и досегашните резултати и постигнувања на екипата. Стручниот тим ни е максимално посветен. Заеднички и напорно работиме сите, а секој со својот ангажман и квалитет придонесува екипата да биде максимално спремна за сезоната што ни претстои.

Ќе застанеме цврсто подготвени пред сите предизвици што нѐ очекуваат во новата сезона. Во тимот има одлична хемија и сплотеност, посветени сме на тренинзите и се надополнуваме еден со друг. Очекувам дека и новите играчи многу лесно ќе се вклопат во тимот и верувам дека ќе бидат одлично надополнување на сѐ она кое што можеби недостигаше изминативе сезони. Поддршката од тимот веќе ја имаат – вели Митев.

Плејмејкерот на РК Алкалоид ги сподели очекувањата од новата натпреварувачка сезона 2025/26:

– Очекувам високи резултати бидејќи кога постои поддршка, надополнување и кога сите придонесуваат максимално, а квалитетот што го поседуваат го вложуваат несебично на терен за екипата, успехот е неминовен. Фокусот и максималните индивидуални вложувања во единствената и заедничка цел на екипата ќе ѝ донесат високи резултати и исклучителни успеси – рече Митев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот