
Мирисот на локалните избори
Локалната власт е многу слатка, а времето брзо „лета“. Ќе дојде денот кога граѓаните ќе си ја покажат моќта и задоволството или незадоволството со заокружувањето на бројче на гласачкото ливче
И со затнат нос, без да мирисаш ќе почувствуваш, дека се ближат локалните избори. Багерите, растопениот асфалт со кој се крпат улиците, или пак, мирисот од здивот на протестантите кои набрзина се одзвале на партискиот повик за присуство на „спонтаните“ митинзи.
Препорачано
Таков е мирисот на локалните избори кои ние сакале или не, деновиве поинтензивно почнавме да го чувствуваме. Партиите веќе ги стартуваа големите подготовки за локалното соочување кое треба да се случи до година. И власта и опозицијата, кога станува збор за локалната битка, ги засукуваат ракавите и се фаќаат за работа во последен миг. Како и претходните власти така и оваа најмногу внимание посветува на „поправката“. Кај и да тргне човек, било тоа да е центарот на метрополата или пак некоја скопска населба ќе налета на е уличен „русвај“.
А опозицијата пак, како и претходната, најлесно и е со протести, „во името на народот“, да ги блокира главните крстосници. И тоа се поради „загриженост“ економска, политичка, а најмногу поради здравствената состојба на граѓаните. Без око да им трепне обвинуваат за високите бројки на заболени од Ковид 19, „заборавајќи“ дека секој повик до граѓаните, креираат по еден нов кластер наречен „протести“.
Да се разбереме, спорен е само тајмингот. За првите ќе беше подобро да ги „разубавуваа“ улиците многу порано, откако дојдоа на власт, или барем на лето кога градот е празен. А вторите пак, протестите да не ги организираат на начин со кој им го загорчуваат секојдненото живеење на граѓаните, бидејќи треба да знаат оти постои и термин „контраефект“.
Повторувањето на ваквите слики, и овојпат е како морничаво Де жа ву. Се погласно се слуша дека „лижавчињата“ што двете партии им ги делат на граѓаните, биле погорчливи од претходните.
За горчливите „Лили хоп“ и истенчените нерви се очекува на партиските сметки да стигнат граѓанските „фискални“ и тоа оние со купувајте македонски производи.
Таму ќе се најдат и часовите од живот што непотребно граѓаните ги потрошиле додека чекале заглавени, а им се брзало да стигнат на посакуваните дестинации, работните места, маркетите, болниците, училиштата, спортските организации, а улиците биле или прекопани или блокрани од протестанти. И старите викаат „кога тогаш ќе си ја платиш сметката, и тоа во време кое најмалку го посакуваш“. На сметката овојпат ќе бидат и други производи со кои партиите на погрешен начин ги „билдаат“ политичките поени.
А „реата“ за претстојните локални избори некако станува се посилна. Почнува да не фаќа мака кога и овојпат тоа ќе биде без ефект. Ниту Скопје стана Париз, ниту ни рипна стандардот.
И понатаму кога шетаме низ маалото, или пак низ центарот на градот, ќе ги скокаме истите дупки кои се „отвориле“ пред десет или дваесет години. Стојат таму како ламји и гледаш, како од ден на ден се повеќе се шират, и во еден момент си помислиш дека ќе те проголтаат.
Сепак најстрашна е сликата пред Собранието, кое таму во центарот на градот, стамено стои а пред него се тротоари со искршени плочи од кои граѓанте секојдневно се сопнуваат. Стојат веќе десет години и метални полициски тараби кои ти предизвикуваат страв дека во секој момент од некоја страна ќе „изрипаат“ митингаши. Но сега „оп“ исти тараби наредени една до друга, гледаме и пред Владата.
Локалната власт е многу слатка, а времето брзо „лета“. Ќе дојде денот кога граѓаните ќе си ја покажат моќта и задоволството или незадоволството со заокружувањето на бројче на гласачкото ливче.. Тогаш е време за наплата на „преживеаното“, и за преиспитување на мислата додека си ја држите главата „со што сме заслужни“ да се родиме во земја во која изборите се најглавното животно прашање.
Ако, пак сепак денот ви тргнал добро, тогаш ќе ја изберете подобрата опција, така заглавени во гужвата мирно да sирката што има ново на фб, инстаграм, тик – ток или други социјални мрежи инсталирани на вашиот мобилен телефон. И тука има непресметан ризик. Мирот да ви се наруши кога одеднаш ќе „изрипа“ фотографија на која вашиот „омилен“ политичар за кого сте гласале на последните избори, се сонча во сред зима, на Малдивите, додека вие седите заглавени во секојдневното сивило.