НАТО тврди дека Кина ја овозможува руската агресија - Фотографија Profimedia

Мир без Пекинг: Зошто Украина и Западот ја исклучуваат Кина од преговорите?

Исклучувањето на Кина од мировниот процес за Украина не е случајна дипломатска одлука, туку дел од поширока геополитичка стратегија. Киев, потпомогнат од Вашингтон, свесно ја елиминира улогата на Пекинг за да избегне сценарио во кое Кина би добила легитимитет како медијатор.

Ова отвора две суштински линии на анализа, пишуваат светските новински куќи и тоа прво, дека САД ја гледаат Русија како попогоден партнер кој може да се придобие за ограничување на Кина, и второ, дека самата Украина ја следи оваа логика, иако со тоа ризикува да изгуби потенцијален дипломатски адут. Војната, така, станува поле не само за територијален конфликт, туку и за прекројување на глобалните односи на моќ.

Покрај тоа, на САД им е потребна Русија за да се осигураат дека во иднина Кина нема да има друга голема сила како сојузник. Сите очекуваат „битка на сите битки“ меѓу САД и Кина, и сите се плашат од тоа сценарио со причина. Иако до неодамна Пекинг беше фактор на кој Киев се повикуваше барајќи вклучување во процесот, денес е целосно исклучен.

Добар показател за тоа е изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој објасни зошто Кина е исклучена од мировниот процес. Според него, на Украина не ѝ се потребни гаранти кои не помогнале кога навистина било потребно. Дополнително, тој обвини дека Кина не придонела за запирање на војната, туку, напротив, ѝ помогнала на Русија преку отворање на пазарот за беспилотни летала.

Зеленски и „исклучувањето“ на Пекинг

Зеленски нагласи дека Кина е меѓу потписниците на Меморандумот од Будимпешта, но таа изјава е спорна: на оригиналниот документ потписници се Украина, Русија, САД и Обединетото Кралство. Кина, пак, на 4 декември 1994 година даде изјава дека ќе го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи дека како нуклеарна сила нема да ѝ се закани со употреба на нуклеарно оружје.

Низ Америка доминираат знамиња произведени во Кина – Фотографија ЕПА, Марк Шифелбајн

Сепак, тоа не беше правно обврзувачки документ. За разлика од него, во 2013 година Кина и Украина потпишаа билатерален договор во кој Пекинг вети „безбедносна гаранција“ доколку Украина се соочи со нуклеарна закана. Интересно е што овој договор беше склучен непосредно пред настаните на Мајдан, а во него Кина формално ја потврди поддршката за украинската независност и територијален интегритет.

И покрај тоа, Зеленски избегнува да го искористи овој договор како инструмент за вклучување на Кина во мировниот процес. Причините за тоа се поврзани со пошироки геополитички интереси: САД не сакаат заеднички договор со Кина, Пекинг не сака да влезе во директен конфликт со Москва, а Европа е премногу зависна од американската линија за да ја промени насоката.

Русија како клучен фактор

Додека САД се подготвуваат за можен конфликт со Кина, неопходно е да се заврши војната во Украина и да се привлече Русија на своја страна. Иако многумина ја сметаат за ослабена сила, Русија останува клучна поради својата територијална големина и нуклеарниот арсенал. Тој арсенал, иако не е целосно употреблив, претставува средство за одвраќање кое директно влијае врз динамиката на конфликтот.

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг на неформален состанок во Пекинг, Кина/EПА

Западот внимателно ја дозираше воената помош за Украина токму поради стравот од руска нуклеарна ескалација. САД, исто така, сфатија дека конвенционалната руска армија не е закана за нивните интереси во Европа, за разлика од Кина, која поседува далеку посилни капацитети. Оттаму произлегува стратегијата на Вашингтон: да ја привлече Русија назад кон Западот и да ја одвои од Пекинг, наведуваат регионалните медиуми на темава.

Русија, иако формално се приближи кон „глобалниот Југ“, никогаш не се идентификувала со него. Па така руската елита и општеството гледаат на овие земји со презир и со длабок културен афинитет кон Западот. Но, истовремено, постои страв дека САД би ја искористиле Русија против Кина, како што Москва смета дека Украина беше искористена против неа.

Оваа мешавина од културна наклонетост кон Западот и рационален страв од искористување ја прави позицијата на Русија парадоксална. Додека САД формално ја туркаат агендата за крај на војната, суштинскиот мотив е ограничување на Кина – со или без директно учество на Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот