
Министерството за здравство им нареди на болниците за 20 минути да го известат кабинетот на министерот за „чувствителни“ смртни случаи
Минатата недела министерот за здравство Азир Алиу испратил известување до сите клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“ во кое бара од директорите во рок од 20 минути по констатирање на смртниот исход кај смртни случаи во болниците кои се како што се наречени во интерното упатство – „чувствителни“ да го информираат Министерството. Интерното упатство испратено до директорите на болниците гласи:
Препорачано
Со цел навремено и координирано постапување при настани кои се од особен јавен интерес и се чувствителни за јавноста (како што се смртни случаи кај деца, трудници или други специфични околности), Ве задолжуваме во рок од 20 минути по констатирањето на смртниот исход, јавната здравствена установа е должна да го извести Министерството за здравство преку телефонски повик на еден од следните контакти од Кабинетот на министерот. Обврската за известување се однесува исклучиво на случаи со потенцијална чувствителност за јавноста, а целта е Министерството за здравство навремено да располага со информации и да може соодветно да постапува во интерес на јавноста и на здравствениот систем.Ве молиме за строго придржување кон оваа обврска.
Потоа се наведени телефонски броеви од петмина вработени во Министерството за здравство од кои за барем еден е познато дека е дел од протоколот на министерот за здравство Азир Алиу.
„Слободен печат“ праша во Министерството за здравство кој е мотивот за ваквото задолжение и зошто постојат смртни случаи кои за Министерството за здравство се „чувствителни за јавноста“ и такви кои не се. Прашавме и дали има законска обврска да поминат 2 часа од смртта за некој да се прогласи за починат.
Од Министерството ни одговорија дека „како дел од редовното унапредување на координацијата во здравствениот систем, минатата недела до јавните здравствени установи била испратена интерна оперативна насока со која се бара Министерството за здравство да биде навремено телефонски информирано само во случаи со потенцијален засилен јавен интерес“.
Целта е навремено активирање на институционалните механизми – координација со раководствата и тимовите на установите, по потреба известување на надлежни органи, обезбедување точни информации за јавноста – а не влијание врз медицинските постапки. Терминот „чувствителни за јавноста” не е вредносна поделба на случаите, туку оперативна категорија заснована на околности што можат да предизвикаат потреба од побрза институционална реакција. Наведената насока не го уредува ниту менува начинот на медицинско утврдување на смрт, ниту воведува дополнителни рокови. Времето и констатацијата на смртта ги утврдува одговорниот лекар согласно важечките медицински стандарди и прописи, ни рекоа од Министерството за здравство.