
Министерството за правда ќе достави барање до Косово за екстрадиција на Демири и Исмаиловиќ осудени во случајот „Монструм“
Министерството за правда повторно ќе достави барање до Косовското министерство за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени на доживотен затвор за убиството кај Смилковско Езеро. Министерот Игор Филков потпишал барање за екстрадиција на осудените за „Монструм“ и очекува одговор од Министерството за правда во Косово.
Препорачано
За овие две лица првпат е побарана екстрадиција во 2013 година, а потоа и во 2018 година. За Исмаиловиќ барањето било одбиено, додека за Демири не добиле одговор.

На денешниот брифинг со новинари, Филков беше прашан дали ќе испратат барање за екстрадиција и за Никола Груевски, а тој изјави дека последното барање е испратено во 2019 година и е одбиено со образложение дека на поранешниот премиер му е даден азил и согласно законите во Унгарија, лицето не може да се екстрадира во државата од која е дојден.
-Кога ќе има услови секако дека ќе побараме повторно, но не тенденциозно кон одредено лице туку се бара за сите – додаде министерот.
Демири е еден од двајцата бегалци осудени за тероризам и петкратното убиство кај Смилковското Езеро, а минатата година беше уапсен од косовската полиција, по меѓународна потерница распишана од МВР. Освен Демири, потерница има и за Африм Исмаиловиќ, кој сè уште не е достапен за органите на прогонот.
Кај Смилковско Езеро во 2012 година беа убиени Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски. Случајот е познат како „Монструм“, а на доживотен затвор се осудени Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор е осуден Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Обвинетиот Сами Љута беше ослободен од обвинение.
Двајцата бегалци подолго од деценија ја избегнуваат правдата во Македонија и се кријат во Косово, а косовските власти досега не одговорија позитивно на македонските барања за нивна екстрадиција, со образложение дека Косово не екстрадира свои државјани. Демири и Исмаиловиќ, освен косовско, имаат и македонско државјанство.