
Министерството за економија не е надлежно за контрола на угостителските објекти, а претходникот на Дурмиши е во притвор!?
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, избегна да одговори на новинарско прашање, зошто неговиот претходник Крешник Бектеши е во притвор, но неколкупати повтори дека неговиот ресор нема механизми и нема надлежност за да прави контрола дали угостителските објекти ги исполнуваат минимално-техничките услови за работа.
Препорачано
Тој не одговори и зошто иако е министер веќе 9 месеци не се ревидирани издадените лиценци на дискотеките, кабареата и ноќните клубови, како и дали освен морална, чувствува и друга одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани?!
-Кажав, се што требаше за процедурите. Истрагата е во тек, и не сакам друго да зборувам на темата за да нема влијание врз процесот. Органите на прогонот ја тераат работата и ќе ја известат јавноста кога ќе завршат. Во меѓувреме, формиравме работна група и веќе имаме драфт верзија на измените на Законот за угостителство, која треба да ја види и Владата. Веќе реков дека во 2009 година, некои луѓе ги злоупотребиле прописите за исполнување на минимално-техничките услови. Затоа сега предвидуваме построги услови, контроли и казни. МЕТ нема механизами и нема надлежност да прави контрола дали угостителите ги исполнуваат овие услови, другите институции се надлежни. Сите кои се надлежни треба да си ја вршат работата и да контролираат – рече Дурмиши, без коментар на констатацијата дека дури 99 отсто од угостителските објекти работат со пропусти.