Фото: Слободен печат

Миле бара 17 сведоци, СЈО не сака ни да слушне

Осум стари и девет нови сведоци или вкупно 17, во своја одбрана предложи екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, еден од неколкумината обвинети во случајот на СЈО познат како „ТНТ“. За сите 17 сведоци Јанакиески рече дека се важни да сведочат.

Случајот „ТНТ“ го отвори СЈО и се однесува на незаконското рушење на станбено-деловниот простор „Космос“, сопственост на поранешниот пратеник Фијат Цаноски, објект кој беше урнат на 1 август 2011 година. Според обвинението, обвинетите делото го сториле од политички реваншизам кон тогашниот нивен политички противник Цаноски.

На денешното рочиште во суд Јанакиески дојде од домашен притвор, мерка која му беше изречена по неговото барање затворскиот притвор да му биде заменет со друга поблага алтернативна опција. Во денешното обраќање кон судечкиот совет за листата сведоци Јанакиески рече:

– Барам во постапката која следи судот да ги прифати сите 17 предложени сведоци. Листата на сведоци ја имаме поднесено уште на 16 март лани. Од суштинска важност ни е да сведочат и вештите лица Павле Гацов и Насер Хоџа, кои го правеле економското вештачење за овој предмет – потенцираше обвинетиот Јанакиески.

Но, обвинителот од СЈО Бурим Рустеми барањето на Јанакиески го оцени како неиздржано и се согласи само осум сведоци да бидат повикани и испрашани во суд.

– Меѓу предложените сведоци има и правници. Не ни треба правници да го толкуваат законот. Затоа постои судот. Тоа на судот му е работа – изјави обвинителот Рустеми.

На низата објаснувања зошто се потребни сите 17 сведоци се вклучија и дел од адвокатите на седуммината обвинети во „ТНТ“. Адвокатот Боро Тасевски оцени дека од исклучителна важност за процесот било да сведочи поранешната директорка на Бирото за јавно набавки, како и раководителката на јавните набавки во општина Гази Баба. Неговиот колега Димитар Дангов, пак, рече дека недопустливо било во оваа фаза од процесот обвинителот да одбива пред судскиот совет да се сослушаат сведоци.

Со завршен збор во тивката правна кавга меѓу адвокатите и обвинителот „пресече“ судијата Огнен Ставрев кој нагласи дека судот денеска нема да донесе одлука дали сведоците ќе бидат прифатени или не. Тоа, рече Ставрев, ќе биде сторено во следниот период.

За дел од жалбите на адвокатите на одбраната кои се однесуваа на наводно одолговлекување на постапката, Ставрев рече дека вината е на страната на обвинетите и нивната одбрана бидејќи, како што оцени тој, на почетокот на процесот токму тие имале разни барања, а меѓу низата барања било и негово изземање од процесот, барање кое беше одбиено од Кривичниот совет на скопска единица.

Од тројцата сведоци предложени на денешниот процес сведочи Ќанија Авдиовски, сведок на обвинителството, вработен на објектот „Космос“. Прв прашања му поставување обвинетиот, екс градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски. За низа прашања сведокот рече дека поради долгиот временски период не може да одговори со точност, но се присети дека, иако на градежниот објект имало портирница, неколку пати во контрола без да се најават или да побараат дозвола за влез на градилиштето доаѓала трудова инспекција која правела контроли.

Запрашан дали се сеќава врз база на чиј план се градел објектот „Космос“, сведокот изјави:

– Инвеститорот имаше ангажирано стручна компанија која направи низа стручни градежни планови по чиј терк се градеше „Космос“ – нагласи Авдиовски.

Пред седум дена скопска Апелација му го укина притворот на поранешниот премиер кој доби политички азил во Унгарија, Никола Груевски за „ТНТ“. Одлуката на скопска Апелација ја објави обвинителот на СЈО Бурим Рустеми на минатото рочиште и тогаш побара од судскиот совет за обвинетиот Груевски повторно да му се одреди притвор.

– Бараме на Груевски да му биде одреден притвор бидејќи тој веќе еднаш избега, па постои ризик тоа да го направи и во иднина – рече Рустеми.

На минатото рочиште обвинетиот Тони Трајковски беше стражарно спроведен во Кривичниот суд. Наредбата за стражарно спроведување од неговиот дом до судот била издадена од судот. Тогаш Трајковски истакна дека секогаш бил редовен, и додаде дека во наредниот период ќе го информира судот за неговите лекарски третмани кои ќе следуваат и го уверуваше судот дека навистина имал здравствени проблеми и дека не се обидувал да ја одолговлекува постапката.

Во предметот „ТНТ“ првообвинет е екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се уште шест лица, односно ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Истрагата за предметот беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт. За незаконското уривање на „Космос“ сопственикот Фијат Цаноски најави побарување за отштета од над 50 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот