Сашко Мијалков / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Мијалков бил внимателна и одговорна личност, го признал делото и се каел – како излезе од затвор седум месеци порано?

Затвореникот Сашо Мијалков бил внимателна и одговорна личност, се однесувал примерно и морално, имал коректен однос кон службените лица, ги извршувал работните обврски како возач на затворот, а процесот на ресоцијализација имал резултати, така што ги сменил своите ставови за причините за кривичното дело, го признавал и се каел.

Ова е дел од извештајот на поранешениот директор на отворениот затвор во Струга, Ваљон Ќура каде екс – директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање ја издржуваше единствената затворска казна за случајот „Империја“.

Токму овој извештај полн со суперлативи за Мијалков, Апелациониот суд го зел предвид и на 14 мај 2024 година донел решение Мијалков да излезе од затвор за неколку дена, односно на 23 мај, наместо на 25 декември минатата година како што донел решение Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен кривичен суд Скопје.

Тој беше снимен беше како се луксузира во Монте Карло, а објавувањето на оваа снимка откри дека институциите целосно го ослободиле Мијалков и дека иако против него се водеа шест судски постапки сега слободно може да се движи.

– Во интерес и реализација на целите на третманот применет бил системот на погодности, осудениот редовно и уредно користел погодности надвор од установата, од каде навреме се враќал во установата и истите биле во функција да му овозможат контакти со надворешниот свет, во стимулативни цели како награда, признание за примерното однесување и вложениот труд при извршување на работните обврски. Процесот на ресоцијализација имал правилен тек, постигнати биле резултати во насока кон адекватна адаптација, примерно однесување и менување на одредени негови ставови во однос на причините за кривичното дело. Кривичното дело го признава и се кае за стореното – се вели во извештајот на директорот на затворот, кој е дел од образложението на решението на Апелација која од судот ја доставија до „Слободен печат“.

Мијалков положил и кај матичниот воспитувач

Освен директорот, на јавна седница за затворската казна на Мијалков свое излагање имал и матичниот воспитувач на затвореникот Мијалков.

– Осудениот по опсервацијата од страна на стручниот тим во целост се придржувал на одредбите на куќниот ред и досега не бил евидентиран со негативност, од самиот почеток и за целиот период ги прифатил нормите и во целост се придржувал кон истите, дека осудениот бил класификуван да ја издржува казната со третман група -А од отворен вид, истиот бил вработен во установата како возач и бил со примерно поведение, одлично комуницирал со другите осудени лица и со вработените во установата, заради што бил наградуван со слободни денови и бил дисциплиниран, односно се враќал навремено во установата, а неговата ресоцијализација се одвивала во позитивна насока, поради што проценката е во прилог на условно ослободување на осудениот – навел воспитувачот.

Второстепениот суд ја прифатил жалбата која ја поднел Мијалков лично преку управата на затворот и оценил дека „првостепениот суд во доволна мера не го ценел извештајот за однесувањето на осудениот во текот на издржување на казната затвор, наводите на директорот на установата и матичниот воспитувач дадени на јавната седница“.

Решението го преиначиле само во делот кога да излезе од затвор, а условниот отпуст, според увидот во решението сепак трае до 25 мај 2025 година.

Иако жалба на решението на Кривичниот суд поднеле и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Вишото обвинителство нивните жалби се одбиени како недозволиви бидејќи само неколку дена пред да биде поднесена, бил сменет Законот за извршување на санкции и тоа баш во овој член.

Со овие измени, Обвинителството нема право на жалба за условен отпуст.

Тука тргнува ослободувањето на Мијалков од затвор со условен отпуст до 25 мај оваа година, за да стане слободен човек и слободно да шета иако против него се водеа неколку постапки.

-Пенолошкиот институт условен отпуст се состои од предвремено запирање на натамошно издржување на казна затвор и пуштање на осудениот на слобода, под услов до истекот на изречената казна да не стори ново казнено дело. Во дадениот случај казната затвор истекува на 25.04.2025 година, услов да опстои условниот отпуст и да не се отповика истиот до овој рок е осудениот да не стори ново кривично дело, велат од Апелациониот суд за „Слободен печат“.

Во јавноста се спореше дали Мијалков може да шета во Монте Карло ако е на условен отпуст, но и кој му го вратил пасошот. Сите институции излегоа со одговори и со своевидни оправдувања, а во еден дел и со контрадикторни одговори, но ниту една од нив не излезе со став дека Мијалков не може да ја напушти земјава.

Институционално разногласие

Според одговорот од Кривичниот суд, мерката за претпазливост за одземање на патната исправа била укината, уште пред да излезе од затвор и му била дадена на чување во Министерството за внатрешни работи, но потенцираат по добиено позитивно мислење од Обвинителство.

– Во однос на прашањето за патната исправа, со решение на Кривичниот совет од 26.04.2024 година, а по добиено позитивно мислење од надлежното јавно обвинителство, укината е мерката за претпазливост – Времено одземање на патната исправа и патната исправа е доставена на надлежно чување во надлежното МВР – тврдеа од Кривичен, а во официјалниот одговор не беше наведено за кој предмет му е вратен пасошот.

Но, од Обвинителството го демантираа судот и во соопштение до јавноста тврдат дека Обвинителот ниту еднаш не дал позитивно мислење за враќање на пасошот на Мијалков за случајот „Трезор“, туку дале позитивно мислење за укинување на гаранцијата од 11 милиони евра, која ја даде Мијалков откако правосилно беше ослободен за ова кривично дело.

– Кога станува збор за предметот „Трезор“, надлежниот јавен обвинител и таму ниту еднаш нема дадено позитивно мислење за враќање на патната исправа. Напротив, на 31.05.2024 година обвинителот даде негативно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот, а потоа на 19.06.2024 година вложи и жалба на решението на Кривичниот совет со кое беше укината таа мерка на претпазливост. Позитивно мислење во тој предмет е дадено само во однос на укинување на гаранцијата и тоа по донесена правосилна ослободителна пресуда од Апелацискиот суд – соопштија од Обвинителството.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека му го вратиле пасошот на Мијалков, но не кажаа ниту кога, ниту со која судска одлука, но од одговорот произлегува дека Мијалков слободно може да патува во странство.

– Во врска со патната исправа на лицето за кое прашувате, ве известуваме дека врз основа на веќе донесена одлука од надлежен судски орган во која забраната за патување во странство и издавање на патна исправа е избришана, од страна на МВР беше спроведено донесеното судско решение, при што формално му беше вратена патната исправа – одговорија од МВР.
Сега останува нејасно, за кој предмет Кривичниот суд му ја укинал мерката за претпазливост на Мијалков уште пред да излезе во затвор и кога Министерството за внатрешни работи му го вратил пасошот.

Мијалков беше обвинет за масовното прислушување во предметот „Таргет- тврдина“ кој застари со измените на Кривичниот закони, а му застари и предметот „Титаник 2“, во кој заедно со Мендух Тачи беше обвинет за изборни нерегуларности, ослободителни пресуди доби за случајот „Тортура“, односно за апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за набавката на опремата за потребите на Петтата управа, „Трезор“ исто така беше ослободен, за „Плацовите на Водно“ доби условна казна, за „Империја“ среди со спогодба и менување на местото на живеење од Скопје во Охрид.

Државата очекува да земе повеќе од 20 милиони евра од имотот на Мијалков – Досега не е продаден ни половина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот