Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски во предизборна посета на Кочани, зборуваше за трагедијата заедно со кандидатот за градоначалник Грозданов

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва беше во Кочани со предизборниот партиски караван и таму пред членовите и симпатизерите на партија, жители на градот, вети дека „ќе направи сè што е во негова моќ виновниците за трагедијата во дискотеката „Пулс“ да бидат изведени пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна“.

„Некои изгубија сè и јас жалам што тоа се случи, но ние направивме сè што можевме за да спасиме и други да не загубат сè. Се надевам дека виновниците, ќе сторам сè што можам и што е во моја моќ, виновниците за тоа тогаш се случи ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе ја добијат заслужената казна, а ние како држава и како Влада ќе сториме сè за тоа да не се повтори, затоа што тоа се можеби и најтешките часови во современата историја на Македонија како држава. Затоа нека почиваат во мир, а ние што сме на земјата ќе сториме сè за споменот за нив да биде вечен“, рече Мицкоски.

Мицкоски беше придружен од кандидатот за градоначалник Влатко Грозданов од Социјалистичката партија, кој ја има поддршката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше за болката и обврската кон градот по несреќата.

„И минатиот пат и сега не знам како да ви го опишам чувството кога седам тука пред вас. Што сè ми се случува во душата и срцето, во однос на болката во однос на довербата, обврските и си велам дека многу повеќе овие 5 минути би ги заменил со 10 часа во операциона сала, па макар и со врзани очи отколку сега да седам тука пред вас, но ете, господ така сакал. А, ѓаволот сакаше да ги испразни улиците на Кочани и го стори тоа, кога 62 ангела заминаа засекогаш од нас, нивните родители по нивните гробови, а ние по светските центри и по Клиничките центри. Додека седевме и гледавме со празен поглед во една точка, додека имавме нула надеж, некои луѓе работеа и не се предаваа. И наредниот ден работеа и не се предаваа и пак работеа и пак не се предаваа и по некое време почнавме да се покренуваме полека-полека. Мое правило во животот е исто, работам и не се предавам.“, рече Грозданов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот