
Мицкоски „стопати“ се премисли кој го следел
Како премиерот Христијан Мицкоски ги добил документите од кои дознал дека извесен извор „Цилиндер“, а потоа „Џокер“ го следел него и неговото семејство, како дознал која разузнавачко-безбедносна агенција го следела и дали изворот бил од Агенцијата за разузнавање или од Агенцијата за национална безбедност, официјално не може се заклучи, со оглед на тоа дека Мицкоски уште кога беше опозиционер обвинуваше дека бил следен, пред еден месец и во Собранието, но на сите јавни настапи дава различни одговори.
Препорачано
На последното негово телевизиско интервју кажа дека на затворена седница на Владата ги задолжиле лицата од Агенцијата за разузнавање, која е под ингеренции на претседателот, да направат внатрешна истрага и да видат дали е злоупотребуван капацитетот на Агенцијата за разузнавање. На забелешката дека Владата нема ингеренции врз оваа Агенција, Мицкоски ретерираше и кажа дека не кажал дека информациите се од Агенцијата за разузнавање.
Остава Обвинителството да каже
– Не реков јас дека моите информации се од Агенцијата за разузнавање. Но, вие ме прашавте за Агенцијата за разузнавање и јас ви кажав дека Агенцијата за разузнавање, односно лицата од Агенцијата за разузнавање ги поканивме на затворена владина седница и нив ги задолживме, а имаме право на тоа, врз основа на индициите со кои располагаме, да направат внатрешна истрага. А од која агенција се овие информации што јас ги споделив со јавноста, тоа оставам Обвинителството што самото рече дека постапува по допрен глас, да ме повика, да дадам исказ и така натаму, па да направи истрага – кажа Мицкоски за 360 степени.
Од Владата на прашање на „Слободен печат“ тврдат дека тие се корисници на информациите од безбедносните агенции и врз основа на тоа може да се побараат дополнителни информации и појаснување, односно внатрешна истрага за определени индиции и информации.
Иако премиерот децидно посочи дека била побарана внатрешна контрола во АР, сепак, сега од Владата тврдат дека тој не посочил од која агенција биле побарани дополнителни информации.
– Со цел да не се создаде погрешна слика, во согласност со наративот на вашето прашање каде конкретно алудирате на една од безбедносните агенции (Агенцијата за разузнавање), ве информираме дека станува збор за класифицирани информации и никаде не е посочено од страна на премиерот од која од агенциите се побарани дополнителни информации за конкретните индиции како што тоа го имате наведено во Вашето прашање – одговорија од Владата.
Овие наводи за Агенцијата за разузнавање, Мицкоски ги споменал и на брифинг со новинарите уште на 1 ноември минатата година, па според она што го кажал тогаш, белешките биле и од Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање.
– Во белешките на Агенцијата за разузнавање има основ дека јас сум ја загрозувал безбедноста на директорот – рекол Мицкоски и додал дека АР треба да ја заврши истрагата и во декември да брифира на затворена владина седница, додека истовремено бараат декласификација и на белешките на АНБ со цел содржината да биде обелоденета.
Од ова произлегува дека, сепак, Мицкоски барал Агенцијата за разузнавање да направи внатрешна истрага, иако според Законот за Агенцијата за разузнавање Владата нема ингеренции да бара внатрешна истрага.
Според членот 20 од овој Закон, внатрешна контрола врши директорот на Агенцијата.
„Давање иницијативи за поведување постапки за утврдување на материјална и дисциплинска одговорност на вработените во Агенцијата и начинот на вршење на внатрешната контрола ги утврдува директорот“, се вели во дел од членот.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше Муслиу
За обвинувањата на премиерот постапка отвори и Јавното обвинителство.
– Имајќи предвид дека станува збор за сензитивен карактер на пласираната информација, Обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејства – соопшти ЈО.
Во јавноста се пласираат многу информации за следењето на тогашните опозиционери, но Обвинителството треба да одговори дали премиерот бил само физички следен и дали за премиерот имало само белешки од извори или тој бил и оперативно обработуван.
Мицкоски од собраниска говорница обзнани дека извесен извор „Цилиндер“, кој потоа бил преименуван во „Џокер“, физички го следел како основач и финансиер на параполициска воена вооружена формација. Ова, според премиерот, служело како покритие за да биде физички следен тој, неговата сопругата, неговиот син и членови на партијата во 2020 и 2021 година.
Во 2020 и 2021 година на чело на АНБ беше Виктор Димовски, поранешен амбасадор, додека АР ја водеше Ерол Муслиу. Наводното следење на Мицкоски било во период додека тие раководеле со овие институции.
ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше Димовски дека бил долгогодишен партиски функционер на највисоките тела на СДСМ, меѓу кои на Извршниот одбор на партијата. Во неговиот мандат се случи скандалот со украинскиот политичар Александр Онишченко, кој добил македонско државјанство, иако бил на списокот на санкции на САД. Партијата објавуваше и фотографии на кои, според нив, се гледал Димовски меѓу другите членови на Извршниот одбор на СДСМ, но не беше обвинуван за следење на опозиционери.
Муслиу, пак, беше обвинуван дека Агенцијата ја претворил во партиски штаб на СДСМ. Токму тој, во партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ беше посочен дека следел функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ерол Муслиу, кој раководеше со Агенцијата за разузнавање (АР), злоупотребувајќи ја позицијата, активно следеше функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а од Агенцијата направи партиски штаб на СДСМ – тврдеше ВМРО-ДПМНЕ откако го разреши Муслиу.
Но, неговото име се споменуваше и кога беше на функција, па прв за тоа зборуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Александар Николоски, кој сега е министер и кој тврдеше дека тој и Мицкоски биле следени од Агенцијата за разузнавање.
Мицкоски тргна кон поранешните раководства на безбедносните агенции