Мицкоски: „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

Овој настан е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција. Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака, порача попладнево премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

– Виното, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ – тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства. Горд сум што денес, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена – рече премиерот.

Тој рече дека во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот меѓу количината и квалитетот на произведеното вино.

– Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со 3 отсто од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител – рече Мицкоски.
Изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне нашата винска индустрија и ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.

Саемот „Вајн Вижн бај Опен Балкан“ („Wine Vision by Open Balkan“ ) не е само место за изложување и дегустација, рече Мицкоски, додавајќи дека е и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки.

– Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина – дополни премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот