Фото: Драган Митрески

Мицкоски: Оставката на Дамева не треба да биде исклучок, туку правило во иднина

Оставката на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет не треба да биде исклучок, туку правило во иднина. Секој оној кој нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине, смета премиерот Христијан Мицкоски.

-Мислам дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној кој нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине без разлика каква е неговата улога во општеството. Ценам дека овој Судски совет и судството и обвинителството заедно, со оваа доверба што ја имаат кај граѓаните, не успеаа. И ова не треба да биде исклучок, ова треба да биде правило во иднина. Дека секој оној кој нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине без разлика која улога ја има. Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред се важи за обвинителите кои сред акции, кога треба да потпишат налог за претрес или приведување добиваат главоболки, температура, анксиозност дијареа, рече Мицкоски.

Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски завчера во соопштение до јавноста, по апелите од власта дека не се сработени стотици пријави во Обвинителството соопшти дека презема чекори за сериозна реорганизација на силите Јавното обвинителство која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.

Тој донесе задолжително упатство со кое се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес.

-На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување, соопшти Обвинителството.

Мицкоски рече дека не сака да го коментира Републичкиот јавен обвинител и повтори дека, иако имаат комотно мнозинство за разрешување на јавниот обвинител, нема да постапуваат како претходните влади кои веднаш ги менувале јавните обвинители.

-Граѓаните со право се лути на владата зошто не постапуваме, мислат дека ние како влада треба да обвинуваме и судиме. Тоа не е наша политика. Ние можеме преку истражните органи финансиска полиција, УЈП и МВР да подготвиме случај и да му го дадеме обвинителството и тоа поднесува пријава, а судот треба да ја прифати. Јас само упатив многу апели и обвинители и суди да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се политички или вистински криминалци од улиците туку да се борат против криминалот и корупцијата и конечно очекувам да си ја работат работата и да ја заработуваат платата која му ја даваат македонските граѓани, а не е мала, рече Мицкоски.

Инаку со одлука на Јавниот обвинител, сите обвинители од Републичкото обвинителство вчера вршеа контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Како што соопштија од ЈО, согласно надлежностите на републичкото јавно обвинителство, контрола била извршена во сите виши јавни обвинителства во државата.

– Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот