Прес-конференција на Христијан Мицкоски и Каја Калас / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Мицкоски: Нема да ја коментирам истрагата за трагедијата во Кочани за да не влијаам на постапката

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија истакна дека не сака да ја коментира истрагата за трагедијата во Кочани за да не влијае врз истата, но посочи дека нема да запре да ја критикува работата на судиите и обвинителите, бидејќи како што рече не е задоволен од испораката на правдата.

„Јас не би давал квалификација колку сум задоволен или не сум задоволен во овој момент, од проста причина дека каква била моја квалификација може да биде сфатена како некакво влијание. Но, не ми пречи да го сфатат она мое укорување во мојот вчерашен говор кога кажав дека не сум задоволен од брзината на испорака на правдата во обвинителството и судството. Затоа што тоа е генерална перцепција и генерално чувство кај граѓаните. И тоа е се уште слабата страна на ова наше општество, а тоа е спората правда и чувство дека нема правда за сите подеднакво“, рече Мицкоски.

Во однос на трагедијата со Кочани, Мицкоски оцени дека како Влада успеале навреме да се координираат сите потребни работи околу случајот со трагедијата во Кочани.

„Првиот дел е хуманиот, здравствениот дел и она што тој ден се случи. Потребна беше брза реакција. Притисокот беше голем. Ценам дека како Влада успеавме сето тоа да го координираме навреме и ценам и нескромно е можеби да кажам дека спасивме многу човечки животи со таа брза реакција која беше точна под многу голем притисок, и политички и здравствен. Политички, затоа што имајќи ги предвид сложените ситуации во регионот и понудата која пристигна во првите моменти, а здравствено, имајќи ја предвид состојбата во нашиот здравствен систем, условите во кои што прекрасните доктори и медицински персонал работат, но и притисокот кога некогаш треба на свој грб да преземате одговорности и да носите решенија од типот „ние премиере не ви препорачуваме интубирани пациенти да транспортирате, на ваша одговорност ги транспортираме“, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи и дека го оставиле Обвинителството да работи без никакво политичко мешање за да не се попречи правдата. Мицкоски кажа дека и покрај големата политичка штета која што постоела за Владата, да ја запре постапката и да се врати кон разрешување на јавниот обвинител Коцевски, одлуката била да застанат во процесот за да не се попречи правдата.

„И тогаш реков ќе ја преземам одговорноста јас лично и на прес-конференција како претседател на Влада да се повлечеме од таа процедура се до оној момент додека не видиме дека ќе има некаков исход и дека целиот процес води кон некакво исход. Оставивме Обвинителството да работи не само без никакво мешање, туку обид немавме ниту за физички контакт. И ако ја гледате структурата на обвинителите коишто во тој момент први налетаа на терен и понатаму ја работеа работат како Коцевски, Абази, Бубевски, ќе видите дека ниту еден од нив никако теоретски не е поврзан со владејачкото мнозинство, туку напротив е поврзано со претходното владејачко мнозинство, за дел од нив и тие гласале. Мојата порака беше уште од првиот ден кога дојдоа во просториите на ОВР Кочани „работете според закон и секој оној што има и најмало сомневање дека може да биде одговорен да биде приведен без разлика дали е од некоја политичка партија или не“, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот