
Мицкоски не наседнува на „итроштините“ на Филипче
На крајот од денот ова е работа која што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија. Ова не е игра на итроштини.
Премиерот Христијан Мицкоски како итроштина на лидерот на СДСМ Венко Филипче го отфрли предлогот Собранието да донесе декларација за евроинтеграциите и прекинување на преговорите со ЕУ доколку добиеме ново вето од Бугарија.
Препорачано
Според него, тоа што на граѓаните и на Македонија им треба е јасна политика, јасна визија на борба со аргументи, стекнување пријатели, објаснување на нашите аргументи. Тој додаде дека позицијата на Владата е познатаи дека не треба да ја повторува, така што тој тип на итроштини ќе ги остави во минатото, коешто е поразено.
– Да. Ја слушнав таа изјава којашто дојде од СДСМ. Мислам дека СДСМ и ДУИ го потценуваат народот и граѓаните и играат на картата на кратка меморија. Јас ќе ги потсетам дека тие истите веќе имаа една таква декларација во Собранието, да не ги прифаќаат ултиматумите на Софија. Тие за жал, прифатија се. Ќе ве вратам уште поназад во времето кога имаше исто така една декларација во Парламентот кога немаше да има промена на името на државата исто гласана од СДСМ од пратениците. Па знаете СДСМ кога дојде во Владата што се правеше и што се се случуваше кога се менуваше името на државата. Исто така ќе ве потсетам дека прво ќе ги почитуваа резултатите од референдумот, тој беше неуспешен не ги почитуваа. На крајот од денот ова е работа која што треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија. Ова не е игра на итроштини. Видовме итреците седум години што и направија и на државата и на граѓаните, видовме каде стигнавме – рече Мицкоски.
Според премиерот, остануваат само предавството, криминалот, и неколкумина поранешни членови во Владата на СДСМ и ДУИ коишто се ултрамилионери.
-Тоа можат граѓаните да го видат со каков се недвижен и движен имот располагаат во земјава и во странство – рече Мицкоски.
Филипче синоќа во телевизиско интервју изјави дека Собранието треба да донесе заедничка резолуција за евроинтеграциите со нашите „црвени линии“ и дека доколку се повтори вето од Бугарија да ги прекинеме преговорите со ЕУ. Филипче смета дека Владата води неискрена политика во однос на европските интеграции и свесно го пролонгира процесот.