
Мицкоски: Не мрдам ни милиметар од ставот за уставни измени, без Македонци во бугарскиот комитет за малцинства
Тој истакна дека во среда, пред европските пратеници ќе биде приложен и извештајот за состојбите во Македонија во однос на повеќевековниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, за кој се очекува реакција и има веќе поднесени амандмани од страна на Бугарија.
На денешната седница за пратенички прашања, претседателот на Владата Христијан Мицкоски повторно ја повика опозицијата да лобира заедно со Владата кај европратениците за да се изгласа извештајот за Македонија, со кој ќе се признае многувековен македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик, а во однос на уставните измени потенцираше дека додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинствата, „нема поместување ни милиметар од нашите позиции“.
Препорачано
– Во овој извештај се вели дека имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не после 1945 туку векови претходно и македонски јазик, и ако не е тоа проблем, еве европските пратеници имаат прилика и таму се гласа со мнозинство, не едногласно и затоа барам од опозицијата кои се дел од одредени политички семејства кои имаат европратеници да лобираат во насока да се прифати- рече Мицкоски.
Тој истакна дека во среда, пред европските пратеници ќе биде приложен и извештајот за состојбите во Македонија во однос на повеќевековниот македонски идентитет и посебниот македонски јазик, за кој ќе се очекува реакција и има веќе поднесени амандмани од Бугарија.
– Извештајот на известувачот за состојбите тука во Македонија во среда ќе се најде пред европските пратеници каде ќе се зборува за посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик кои се поврзани со нацијата, а не територијата на државата, и тоа е многу важно затоа што Македонци има насекаде во светот. Ќе видиме како ќе се однесуваат пратениците кои доаѓаат од Бугарија. Од тоа што го имаме како информација и поднесените амандмани не сум оптимист за нивното проевропско однесување, туку прилега повеќе на приликите од Средниот век- вели Мицкоски.
Исто така, Мицкоски истакна Македонците од Бугарија заслужуваат место во Комитетот на малцинства , каде можат да се забележат Роми, Турци и Ерменци и додаде дека се додека Македонците не станат дел од тој комитет, нема да има промени во неговиот став на темата уставни промени.
– Во Бугарија има Комитет во кој членуваат претставници на малцинствата Роми, Турци и Ерменци, а зарем ние Македонците кои имаме 14 пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба да сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада- изјави тој.
Според премиерот, за првпат Европскиот Парламент во извештај ќе го содржи македонски идентитет поврзан со нацијата и со македонскиот јазик, чие гласање треба да биде во јули.