Фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Мицкоски не е задоволен од резолуцијата на СДСМ, најави „вистинска“ по изборите

Претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека по завршувањето на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе предложи „македонска резолуција којашто ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси“.

Тој изнесе повеќе забелешки за резолуцијата која ја престави опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), наведувајќи дека она што му паднало во очи во преамбулата е дека „содржи неточни факти и лаги“, и дека „на ваков начин не се штитат македонските национални интереси“.

„И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија, ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека имал кратко време да го прочита документот што СДСМ го достави во Собранието и немал време да навлезе во детали, бидејќи за него ќе се дискутира по изборите. Тој рече дека од она што успеал да го види, може да се придонесе во квалитетот на самата резолуција, но и дека му паднало во очи тоа што е „типично за СДСМ да фалсификува и лаже“ – неколку точки кои се во самата преамбула на резолуцијата.

„Да речеме, се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српскохрватскиот и словенечкиот јазик. Бидејќи денеска целта ни е културата, јас би сакал овој монтруозен фалсификат кој што е дел од оваа резолуција категорички македонската јавност да го отфрли и да го осуди“, рече Мицкоски.

Според него, истовремено има „неколку други фалсификати“, а тоа е дека во 2005 година Северна Македонија не доби датум за почнување на преговори туку Република Македонија, односно тогашната држава, која во меѓународниот поредок беше Поранешна Југословенска Република Македонија.

„Исто така, и во 2009 година прв позитивен извештај за отпочнување на преговори доби Република Македонија согласно Уставот. Самата конструкција е лажна, но тоа е типично за СДСМ и последно што сега би го искоментирал, а за деталите ќе се вратиме по изборите, е конфузијата во самата резолуција. Зборуваме за копенхагеншки критериуми, а потоа ги цитираме двата билатерални договори со Грција и со Бугарија. Едно со друго не се комплементарни, така што има многу што да се даде како инпут“, рече Мицкоски.

Писмо наместо прекин на преговорите, рокови за уставните измени – Филипче ги претстави црвените линии

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот