
Мицкоски најави можни предвремени парламентарни избори
Премиерот не прецизираше дали предвремените парламентарни би се одржале со локалните избори наесен, но рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата.
Премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница најави можни предвремени парламентарни избори, врзано со завршување на процесот со трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени. Тој не прецизира дали предвремените парламентарни би се одржале со локалните избори наесен, но рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата. Според висок функционер од Владата, нема да биде изненадување ако со локалните се одржат и предвремени парламентарни избори.
Препорачано
Пратеникот од СДСМ Митко Трајчулески на седницата за пратенички прашања се обрати до премиерот дали свесното и тенденциозно разводнување на истрагата е со цел да се попречи правдата и да се заштитат актуелни функционери што се директно виновни за пожарот во дискотеката.

Трајчулески: Нема ниту една оставка од морални причини
– По повеќе од еден месец можеме јасно да заклучиме дека кај највисоките владини функционери не постои морална вертикала, дека не постои чувство на морална одговорност и затоа денес немаме ниту една оставка од морални причини. Ова е поразително за една влада по несреќа од вакви размери и со толкав број изгубени човечки животи. Но за моралот не се дискутира, човек или го има или го нема – рече Трајчулески.
Тој обвини за селективна истрага со цел да ги заштити сегашните носители на високи позиции во МВР, Државниот пазарен инспекторат и други институции од нивната одговорност.
Мицкоски појасни дека извршна власт постапува по налог на Јавното обвинителството и во координација со судот. Тој додаде дека истрагата ја води јавниот обвинител, кој заедно со судот одредуваат какви мерки и кои лица ќе бидат опфатени и дали треба да се приведуваат високи владини функционери.
– За пет месеци ќе почне кампањата за локалните избори. Граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија политичка кариера продолжува и во каков формат ќе продолжи. Тоа што играте на картата на кратко помнење, ве советувам дека нема да добиете политички поени. Истрагата ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако обвинителот одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведе. Седум години нè затворавте, нè приведувавте и до денес ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители избрани од СДСМ. Ќе издржиме, па и затвор е за мажи. Да се вратам на бројките – 68 лица се опфатени во истрагата на Обвинителството, за разлика од „Модуларна болница“, „Ласкарци“ и „Беса транс“ каде што починаа 75 граѓани, а има нула осудени. Дали ќе бидат 168, не знам, ќе каже Обвинителството, заедно со судот, не јас – рече Мицкоски.

Тој додаде дека повикани на разговор се и високи функционери, дека актуелен градоначалник е притворен, а тоа во време на претходната власт било невозможна мисија.
– Најмалку вие имате право да зборувате за морал и етика. Мој совет е да ги оставиме семејствата, удирајте по мене, дехидрирајте од плукање. Ве молам да ги оставиме нив оти болката и тагата кај нив е огромна. Прв ќе ја прифатам таа одговорност, но прво да ги решиме работите. Сè ќе решиме сега и кога ќе решиме, од народот ќе побараме доверба и ќе видиме дали ја заслужуваме нивната доверба – порача Мицкоски.
Трајчулески, иако незадоволен од одговорот, му призна на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ има маестрална пи-ар стратегија.
– Ја разбирам вашата пи-ар стратегија, повторувајќи ги „Ласкарци“, „Модуларната“ и „Беса транс“, сакате да направите дефокус. Но, тоа ќе ви се врати како бумеранг. Фактите се дека најголемата несреќа се случи во ваше време. И да, имам апсолутно право да повикувам на морална одговорност зашто катастрофална грешка е што Тошковски не поднесе оставка. Факт е дека има селективна правда, а тоа е неправда. Родителите точно знаат кој и зошто е виновен. И оттука е потребата да направиме систем што ќе функционира зашто ако тоа не го направиме, ќе немаме држава – рече Трајчулески.

Беџети праша до каде е законот за правична застапеност
Блерим Беџети од ДУИ праша кога ќе биде готов законот за правична застапеност, бидејќи министри од Вреди постојано го најавуваат и се добива впечаток дека Владата си „игра мајтап“ со тоа законско решение. Тој побара Мицкоски да им се извини на Албанците за арогантното однесување од позиција на премиер, за оспорениот Закон за јазиците, за укинувањето на балансерот, дека за уши ќе ги вади и за изјавите за дестабилизација.
– Законот е готов од пред шест месеци и тој треба да биде усогласен со Уставот за повторно да не падне пред Уставниот суд. Верувајте, еднакво мислам и за Албанците, и за Македонците, Турците… дури и многу повеќе, оти јас не играм фудбалчиња и баскет по канцеларии. Ако некој треба да се извини, еве, му се извинувам на албанскиот народ што порано не ве испратив во опозиција. Закон има и јас лично гарантирам за правичната застапеност и дека никој нема да биде дискриминиран – рече премиерот.
Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот до каде е работата на надлежните институции за „луксузирањето и фамозното богатење на Левица“.
– Многу пари се трошат, се луксузираат на говорница, удираат печати со скапо купени чевли, колегата Димче вози и луксузни автомобили. Дел од колегите што се возеа со автобус, сега се возат со такси, а имаме слушнато дека имаат имоти во Грција, дека не доставуваат анкетни листови, а во Собрание доаѓаат само театар да прават. Купија деловен простор за багателна цена. Сакам да знам до каде е работата на надлежните да го испитаат случајот со фамозното богатење на Левица и нивните припадници – праша Стаменкоска-Трајкоска.

Мицкоски изрази жалење дека пратениците на Левица не се во пленарната сала за да слушнат за, како што рече, таканаречениот подрум што го купиле во центарот на Скопје за багателна сума – дека открил оти не само што купиле партиски простории, туку и кафуле.
– Покрај тоа што уплатиле 5.000 евра кеш за регистрирање на Друштво за угостителски услуги Павиљон 36 ДООЕЛ Скопје, како сопственик се јавува лицето Зоран Ивановски, кој е и управител и менаџер, кој се занимава со дејност ресторани, но и интернет-портали. Ако го извадите списокот од претседателството на Левица, ќе видите дека Ивановски е дел од него. Ако го слушате сведочењето за Палчо, ќе видите дека тие се среќавале во „Опера хаус“, а тоа е токму овој објект каде што е регистрирано новото кафуле. За други детали нема да зборувам, но сум подготвен на јавноста и на Левица да им разоткријам дека не е баш така како што тие се претставуваат. Со нивното дејствување се нанесува трајна штета на ткивото на македонскиот идентитет зашто тие удираат директно со поделбата по македонскиот идентитет – рече Мицкоски.