
Мицкоски на Европскиот самит: Во ЕУ нема волја регионот да излезе од европската чекалница
Иднината на Македонија е во Европската унија и на тој пат државата направи бројни отстапки и чекори кои ја докажуваат нашата посветеност кон европската иднина, порача премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање на 20. Европски самит во Салцбург посветен на Европската Унија и реформите на овој пат.
Препорачано
– Она што недостасува е волја проследена со дела регионот вистински да премине од европската чекалница кон реализација на европската иднина. Иднината на регионот е во економска и политичка преобразба и меѓусебно поврзување. Се бориме македонските компании да излезат надвор од границите, да го помогнеме извозот и да привлечеме странски капитал. Досега во овој кус период покажуваме резултати, а заедно ќе направиме многу повеќе – изјавил Мицкоски.

Настанот е во организација на Институтот на регионите на Европа, со околу 700 гости и над 60 говорници од цела Европа се одржува годинава по 20-ти пат под мотото „ЕУ: Нема иднина без реформи”.
Тој синоќа присуствувал на вечера, на покана на градоначалникот на покраината Салцбург и претседателот на Институтот на европски региони, Франц Шаусбергер.

– На моите соговорници им ги пренесов нашите заложби и цели кон европскиот пат на Македонија. Европа мора да ги отвори вратите за државите кои чекорат напред – напиша Мицкоски на Фејсбук.
Во вторник тој ќе има средба со претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен и со министерот за надворешни работи, Александар Шаленберг.