
Мицкоски: Минималната плата се зголемува согласно Закон, нашата политика е да имаме среќни работници
Нашата политика не е богати и среќни неколкумина политичари коишто се богатат на грбот на работниците. Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците. Покачувањето на минималната плата е регулирано со закон. Јас жалам за обидите на дел од раководството на синдикалните организации да бидат политичари или, пак, слуги на опозициски политичари или опозициски партии, а не да работат во интересот на работниците, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
– Мислам дека интересот на работниците е да има работа, а не да нема работа. Јас мислам дека тоа е интересот. Јас се борам да работниците имаат работа, да заработат затоа што колку повеќе ќе имаме богати и среќни работници толку подобро ќе биде и за нас. Нашата политика не е богати и среќни неколкумина политичари коишто се богатат на грбот на работниците. Нашата политика е да имаме среќни работници, а изморени, измачени политичари коишто работат за интересот на работниците – изјави Мицкоски при посетата на Кавадарци.
Тој додаде дека секогаш е подготвен да седне и да разговар со синдикалните лидери.
– А октроирани со фалсификувани документи лидери на синдикални организации коишто се политички инструмент на опозициски партии, коишто се сликаа најчесто пред 1 Мај, а ништо не испорачуваа за работниците жалам, можам да изразам жалење што тие дозволиле да бидат вклучени во еден таков процес и ги замолувам во името на позицијата која што ја држат таква каква што ја држат на начин како што ја држат да внимаваат затоа што ние сме нивен партнер, на работниците. Сакаме да имаме среќни и богати работници – изјави тој.
Претходно, претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека очекуваат усогласување на платите од септември оваа година и дополнително зголемување на платите идната година, за кое вели дека ќе се случи согласно потпишаниот општ колективен договор за јавен сектор.
-Платите во јавниот сектор наредните четири години ќе растат по 15 отсто годишно и новата влада треба да предвиди пари во буџетот, да немаат изговори, ние работниците сме изморени од слушањето изговори и очекуваме да го кажат денеска токму тоа, зајакнување на капацитетите, престанување на злоупотребите на вработените во јавниот сектор, департизација на јавниот сектор, да не вработуваат партиски кадри во наредниот период и да ја зголемуваат јавната администрација, а ние како синдикат сме подготвени во овој процес. Нашата поддршка ќе ја имаат доколку го спроведат ова, во спротивно ние сме подготвени на други непопуларни чекори – рече Трендафилов.