Пратенички прашања/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мицкоски: Ме следеа под изговор дека сум „мозок“ на паравоена формација

Мицкоски откри детали како тој и партиски функционери биле следени од безбедносните служби, кога биле во опозиција и како политички моќници ги злоупотребиле институциите.

И се заканува ли дестабилизација на Македонија, подготвува ли ВМРО-ДПМНЕ терен за влез на ДУИ во Владата, ќе излезе ли Вреди од Владата, детали за следењето на Христијан Мицкоски како опозициски лидер од безбедносните служби, повлекување на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за јазиците, но и бегството на ексвицепремиерот Артан Груби и за бандите „Беланоца“ и „Барон“ беа од интерес на пратениците на последната седница за пратенички прашања годинава. Паднаа и омалуважувања и навреди меѓу премиерот Мицкоски и пратениците Блерим Беџети и Горан Мисовски за тоа кој кажува поголеми небулози, а не изостанаа ниту закани дека „орлите високо летаат“ па – кој разбрал разбрал.

Мицкоски откри детали како тој и партиски функционери биле следени од безбедносните служби, кога биле во опозиција и како политички моќници ги злоупотребиле институциите.

Фото: Влада на РСМ

– Поради сензитивноста нема да навлегувам во детали, но она што можам да го кажам е дека една од институциите се занимавала со физичко следење на претседател на опозициска партија. Измислувале извор именуван како „Цилиндар“, кој според нив, доставува наводно веродостојна информација. Ова се случувало на почеток во 2020 година, во време на избори. Ме следеле под изговор дека параполициско воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни државјани во предизборие ќе вршат закани за да обезбедат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и нарачател на ова е професор доктор Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој оваа формација ја финансирал и ја формирал. Ова е оставено како трага, ова служело како покритие за сите да бидеме покриени. Истиот извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со две женски лица на Водно како пешачам, а тие ми презентирале информации кои биле од мој интерес. И двете информации се лажни. Исто, пред локалните избори во 2021 година, изворот е „Џокер“, кој вели дека во манастирот Свети Јован Бигорски сум имал средби со припадници на ова патриотско друштво за да ја нарушиме безбедноста на Македонија – обелодени премиерот.

Тој истакна дека ова нема никаква врска со реалноста и праша дали тоа се европските вредности на кои се повикувала претходната власт.

– Ај што крадеа – крадеа, но тука, освен мене, покривани се физички и мојата сопруга и двајцата синови. Затоа сега е стравот. Дали јас ви личам на човек кој може да финансира паравоена формација? Замислете што паралелно создавале. Затоа со реформа на службите еднаш засекогаш на ова да се стави крај. Ако некој мисли дека од ова ќе се спаси, се лаже. Сè додека јас ја предводам Владата, сите инволвирани ќе одговараат – порача Мицксоки по пратеничкото прашање на Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицискиот пратеник Горан Мисовски, пак, не доби конкретен одговор од премиерот дали има договор со ДУИ да влезе во Владата.

– Најавувате дестабилизација на државата и го вперувавте прстот во ДУИ. Кога беше инцидентот со претседателката на Косово рековте само што не почнала дестабилизација на државата и впечаток е дека кога ќе ви се случи непријатна ситуација со Вреди, најавувате дестабилизација, а џокерот ви е ДУИ дека, еве, само што не почнало војна. Ова ми личи на времето кога ВМРО и ДУИ правеа вакви игранки за билдање на рејтингот. Сега истото се случува. Иста слика, само мал микс од поразлични актери. Дали имате договор со ДУИ и дали подготвувате терен за враќање на ДУИ во Владата – праша Мисовски.

Премиерот му одговори дека како релативно искусен политичар и пратеник неколку десетици години, Мисовски дал неколку констатации од кои дел се шпекулации, дел полувистини, но дека ништо не е вистина.

– И додека размислуваше дека Талат Џафери му е идол и инспирација, изнесе навреди и квалификации. Мисовски, чувствувајте се безбедно, се надевам по толку години во парламент ќе имате богата трпеза и ќе уживате безбеден, бидејќи безбедносната ситуација е стабилна – рече премиерот.

Пратенички прашања/
Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Мисовски рече дека премиерот индиректно му потврдил дека имало сценарио со ДУИ да фингираат дестабилизација, како и обид да го навреди, а тој, пак, дека има стомак да поднесе ниски удари.
На прашањето дали Вреди ќе го исполни ветувањето дека ќе излезе од Влада ако не почнеме преговори со ЕУ, министерот за европски прашања Орхан Муртезани рече дека не знае кој го преведува кога дава изјави и дека никогаш не рекол така.

– Кога ја создадовме Владата, не бевме со една нога надвор и не рековме дека ќе излеземе од Владата. Вистината е дека со ова прашање нема да правиме пи-ар, туку дека ќе се обидеме да најдеме решение – рече Муртезани.

Блерим Беџети од ДУИ и премиерот се навредуваа кој кажува поголеми небулози. Беџети праша со каков механизам Мицкоски ги обврзал функционерите од Вреди да ги менуваат изјавите.
Мицкоски му одговори дека, иако Беџети е екс-министер за правда, искажал неколку правни небулози и дека ја разбира потребата ДУИ да влегува во конфликт со ВМРО-ДПМНЕ, играјќи на картата дека тоа ќе им го зголеми рејтингот.

– Ве разбирам дека и во иднина ќе поларизирате, ќе се обидете да создадете етнички конфликт, така функционирате, но верувајте нема да ви успее – рече Мицкоски.

Беџети му возврати дека го разбира „небулозното“ образложение на премиерот, но дека не добил одговор дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја повлече од Уставен суд иницијативата за уставноста на Законот за јазиците во име на соживотот.

– Не постои никаков ризик за безбедноста на државата, се води сметка да нема никакви изненадувања кои можат да ја нарушат безбедноста на државата – рече Мицкоски.

Блерим Беџети, ДУИ Фото: Принтскрин

Беџети на министерот за администрација Горан Минчев, кој образложи зошто „балансерот“ е укинат и дека експерти подготвуваат закон за правична застапеност, му кажа дека тоа може да му го раскажува на рускиот амбасадор во Македонија или на лидерот Максим Димитриевски.

– Но, со нас не е така лесно. Мислите дека може да станете тутор на Албанците и експерти да прават закон, тогаш министри не ви требаат. Ќе ви кажам – орлите високо летаат, тоа оди да ти го преведе рускиот амбасадор – рече Беџети.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски реферираше за полициската акција за бандите „Беланоца“ и „Барон“ и рече дека со акцијата е расчистен организираниот криминал за кој претходната влада не сторила ништо. Тошковски одговори и за тоа што досега е сторено по бегството на Груби. Тој рече дека внатрешната контрола во полицијата, согласно со сите докази, констатирала дека граничниот полицаец сторил кривично дело, несовесно работење во службата или злоупотреба на службените овластувања.

Панче Тошковски Фото: Принтскрин

–Полицискиот службеник од гранична полиција прави кардинална грешка, наместо да констатира дека тој е на стоп-листата, истиот, вознемирен или возбуден од политичката големина на лицето што ја напушта Македонија или од луксузот на возилото, без да ја спроведе стандардната процедура и да констатира дека овој е на стоп-листата, го пушта да излезе непречено. Кога полицаецот констатира дека за него има стоп-листа, лицето веќе е во Косово.  Внатрешна контрола достави кривична пријава против него во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Се истражува дали е сторена ненамерна грешка или ова се случило со умисла. Обезбедени се мобилни телефони и други докази и ЈО води темелна истрага. Ќе расветлиме дали е организирано бегство или се работи за ненамерна грешка на полициски службеник – рече Тошковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот