
Мицкоски – Курти: Граѓаните на двете држави заслужуваат подобар живот и подобар стандард
Премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти договориле конкретни чекори за подобрување на транспортните и енергетските врски што, според нив, ќе има позитивно влијание на економскиот развој и напредокот на земјите во регионот. На денешната меѓувладина седница што се одржа во Приштина, Мицкоски истакнал дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.
Препорачано

По седницата беа потпишани три документи. Првиот е меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово – Македонија.

Вториот документ е Информација за склучување на протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.
Потпишан е и Меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.

-Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност. Предолго регионов потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните. И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите – порача Мицкоски на прес-конференцијата.
Косовскиот премиер Курти му се заблагодари на Мицкоски за волјата за продлабочување на соработката и зајакнување на партнерството меѓу двете држави во интерес на граѓаните и на регионот.

Мицкоски оцени дека средбата била исклучително продуктивна, со искрен и отворен дијалог што е од клучно значење за зајакнување на односите меѓу двете земји.
– Убедени сме дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија и во НАТО – рече Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните ги интересира поголем стандард.