
Мицкоски ја извртува суштината со фокусот на платите во судските реформи, вели Аврамовски од Коалицијата за правично судење
Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, во изјава за БИРН ги коментираше последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски и неговата теза дека судиите и обвинителите „бараат пари од ЕУ“ за повисоки плати, иако довербата им е на два проценти.
Препорачано
Аврамовски вели дека воопшто не е точна оценката дека реформските закони се сведуваат само на прашањето за плати и оти затоа се доцни со реформите за кои државата .
„Дел од законите навистина содржат и одредби што се однесуваат на финансиската положба на судиите и јавните обвинители, но суштината и на тие закони е многу поширока. Станува збор за усогласување со европските стандарди за независност на правосудството, подобрување на системот за одговорност, транспарентност во изборот и напредувањето, јакнење на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, како и создавање услови за поефикасно и непристрасно работење“, вели Аврамовски.
Според него, фокусирањето на платите на судиите ја извртува суштината, а тоа се системските промени во правосудството.
„Фокусот само на платите ја извртува суштината и остава впечаток дека реформата се сведува на лични привилегии, а не на суштински промени во системот. Воедно, голем дел од прашањата поврзани со финансиите најчесто се однесуваат на судскиот буџет во целина, што не значи автоматско зголемување на платите на судиите, бидејќи тие се уредени со друг закон“, вели Аврамовски за БИРН.
Тој додава дека изјавите на високи јавни функционери, како онаа во која Мицкоски изрази незадоволство од досудената условна казна за лекарка од Онкологија, се проблематични бидејќи значат јавен притисок врз судството.
„Јавните изјави на највисоки политички функционери за конкретни судски одлуки, особено кога се изразува разочараност од висината на казните на неправосилни одлуки, создаваат притисок врз судиите, што може да биде проблематично, како за целокупната судска независност, така и за начелата на фер и правично судење во конкретните предмети“, вели Аврамовски.