Муртезани: Мицкоски е решен брзо да го реши проблемот со Бугарија – новата година носи нови преговори

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска изјави дека кај премиерот Христијан Мицкоски и кај Владата постои сериозна одлучност и јасна волја по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.

Како што нагласи министерот, веќе постојат размислувања во таа насока, но во моментов, поради изборната кампања, не сакаше да навлегува во детали за да не се извади нешто од контекст.

Овие коментари Муртезани ги даде на заедничката прес-конференција во Скопје со финскиот министер за европски прашања, Јоаким Странд.

Одговарајќи на новинарски прашања за изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој најави придвижување во односите со Софија по Нова година, тој потврди дека има подготвеност да се направи исчекор.

– Претседателот на Владата повеќепати јавно кажа дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година, ќе следуваат конкретни чекори за надминување на спорот со соседна Бугарија. Во овој момент, сè што би било кажано може да се стави во одреден контекст и да му наштети на процесот. Најважно е тоа што постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се преземат конкретни мерки за решавање на проблемот. Засега има само размислувања во која насока треба да се движат тие чекори – рече Муртезани.

На средбата со неговиот фински колега, двајцата министри разговарале и за клучните теми поврзани со иднината на земјава и регионот.

Муртезани го информирал Странд за активностите околу Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што истакна, не е само финансиски инструмент, туку стратегија што ја приближува нашата економија и институции кон европските стандарди уште пред членството.

– Со усвојувањето на Реформската агенда, ние како Влада се обврзавме на темелни реформи во владеењето на правото, ефикасноста на јавната администрација, дигитализацијата и енергетската отпорност. Тоа не се апстрактни поими, туку реални чекори кои треба да донесат подобар квалитет на живот на граѓаните – додаде министерот.

Муртезани се заблагодари за принципиелната и доследна поддршка што Финска ѝ ја дава на Македонија, истакнувајќи дека финските искуства во повеќе области се од исклучително значење за патот кон Европската Унија.

Тој ја потенцираше улогата на финските експерти во реализираните твининг-проекти и изрази подготвеност соработката да се прошири и во нови области како дигиталната трансформација, медиумите и иновациите.

– На разговорите беше констатирано дека процесот на проширување не е само техничка постапка, туку стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и економскиот раст на регионот. Особено ја цениме позицијата на Финска, која доследно се залага проширувањето да се темели на заслуги, а придобивките од интеграцијата да ги делат и земјите кандидати и самата Унија – изјави Муртезани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот