Независни Фото: Фејсбук Борјан Јовановски

Мицкоски арогантно ги „откачи“ независните

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да се сретнат со невладините, затоа што процесот за измена на Изборниот законик во делот на независните листи е активен и се чека тој да биде изгласан во Собранието, дознава „Слободен печат“

Власта нема намера да го намали прагот на потписи за учество на независни кандидати на изборите и очекува веќе предложеното решение да помине во Собранието. Ова може да се заклучи од изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, по реакциите на невладините организации дека предложениот праг за собирање потписи за независни листи за нив е висок. Мицкоски вели дека носат одлуки во корист на граѓаните, а не на поединци или на одделни невладини организации.

Според информациите на „Слободен печат“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да се сретнат со невладините, затоа што процесот за измена на Изборниот законик во делот на независните листи е активен и се чека тој да биде изгласан во Собранието, откако невладините, во обид да ја спуштат квотата за потписи, веќе остварија средби со пратеници од опозициските Левица и СДСМ.

Христијан Мицкоски Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Во Германија за да се влезе во Бундестагот, требаат пет проценти, во други држави – 3, 4 или повеќе проценти. Видете, може да се појави некој што не е задоволен. Демократијата е таква. Не можеме ние да забраниме задоволство или незадоволство, ги прифаќаме тие пораки, ги анализираме, носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на одделни невладини организации – рече Мицкоски прашан за незадоволството на невладините за високиот праг за нивно учество во изборната трка.

Како е во европските земји

Невладините, пак, со контрааргументи го побиваат премиерот. Според анализата што ја направиле за повеќе од 20 европски држави за потребниот број потписи за независни кандидати на локалните и парламентарни избори, ни за повеќемилионски градови не е потребен ни оддалеку број на потписи како предлогот за град Скопје од 3.500. Тие додаваат дека некаде не се ни бараат потписи, некаде бројката е симболична и се движи во разумни граници, со цел независните кандидати реално да може да учествуваат во изборите.
Според примерот којшто го даваат невладините организации, во Франција и во Естонија не се потребни потписи за учество на независните кандидати на избори. Во Малта се потребни 4 потписи со депозит од 90 евра кој, пак, се враќа ако освојат 10 отсто од изборната квота. Во Обединетото Кралство потребни се 10 потписи, во Грција – 12. Во Ирска – 30 потписи или 500 евра депозит. Во Холандија – од 10 до 30 потписи по изборна единица, до максимални 580 на ниво на држава. Во Финска – 100, Данска – 150 до 200, Германија – 200, Австрија бара потписи од тројца пратеници или 100, 200, 300, 400, 500 потписи, во зависност од федералната држава, а за кандидирање на ниво на цела држава – 2.600 потписи. Во Хрватска, Унгарија и во Норвешка потребни се по 500 потписи.

Пратеници на седница во собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Впечатливо е дека премиерот или не е во тек до каде е процедурата за измените на Изборниот законик во делот на независните листи, или ги „помешал“ со измените на Изборниот законик што ги подготвува Министерството за правда. Тој тврди и дека за негово донесување не е потребно Бадентерово мнозинство, туку само политички консензус, иако и него го нема. Прашан како ќе обезбедат Бадентерово мнозинство не само за Изборниот законик, туку и за дел од реформските закони, Мицкоски вели:

– Не зависат реформските закони од Бадентер. Можеби некои се носат со 80 пратеници, со двотретинско мнозинство. Изборниот законик е надвор од законите кои беа дел од реформите во Деловникот за работа на Собранието, каде што има јасни рокови во постапките. Изборниот законик е потребно да има политички консензус, затоа што може некоја од партиите да аплицираат филибастеринг и да не се донесе, но тоа не значи дека треба Бадентер. Треба да имаме консензус и од она што го имам како информација, таков има. Сега ќе видиме кога ќе влезе во собраниска процедура – рече премиерот.

Европскиот фронт ќе гласа против

Но, Изборниот законик не само што е влезен во собраниска процедура, туку за него е завршена расправата. На комисиите не помина ниту еден амандман на Европскиот фронт поради што нивните пратеници изјавија дека ќе гласаат против законското решение, а токму тие се клучни за законот да помине со Бадентерово мнозинство. Против ќе гласаат и пратениците на Левица. Потпретседателот на Собранието, на седницата пред два дена не го стави на гласање Изборниот законик, зашто власта немаше Бадентерово мнозинство.

Власта и опозицијата претходно здружено направија измени на Изборниот законик, со кои се воведува висок праг за потписи за учество на граѓанските иницијативи на изборите, иако Уставниот суд неодамна ги укина измените што пратениците ги донесоа во март 2024 година, со кои прагот на потребни потписи за независните кандидати за да учествуваат на избори се укина.

Европски Фронт 100 дена влада/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Според невладините Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“, „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово, новопредложените измени на Изборниот законик се во судир со одлуката со која Уставен суд ги укина претходните противуставни одредби од еден отсто. Сега предложените прагови за потписи се дури и повисоки од еден отсто за голем број општини каде што се наоѓаат најголем број од избирачите.

„Независни граѓански иницијативи“: Итно носење на измените во Изборниот законик за намалување на прагот за поднесување независни кандидатски листи

Со измените на Изборниот законик се одредени потребните потписи според бројот на гласачите во општината, и тоа:

– во општини до 10.000 избирачи – најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината,
– до 20.000 избирачи – 200 потписи
– до 30.000 – 300 потписи …
– до 90.000 – најмалку 900 потписи…
– и во општини над 90.001 избирачи – најмалку 1.000 потписи.
Најмногу, или 3.500 потписи, се потребни за да се обезбеди кандидатура за Град Скопје.
Невладините велат дека не отстапуваат од барањата за намалување на прагот на потписи, а ја повикаа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, доколку законот помине во Собрание, да не го потпише указот со кој тој ќе стапи во сила.

 

Големите партии со нова сопка за независните кандидати, бројот на гласачите по општини ќе го дефинира прагот на потписи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот