Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ/Фото: Скриншот

Мицевски: Договорот со Обединетото Кралство е историски чин за Македонија

Координаторот на пратеничата група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е историски чин за Македонија, затоа што, како што вели, претставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите.

„Овој договор е основа на едно стратешко поврзување со една од најмоќните политички и економски сили во светот. Овој договор, на Македонија ќе и овозможи стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите.

Македонија ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160км на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит, очекувано е државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра.

Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болница во Кичево и Тетово“, рече Мицевски на прес-конференција.

Тој рече дека им подава рака на опозицијата и дека договорот не го чуваат во тајност како што тоа го правеле претходната влада на СДСМ и ДУИ. Вели дека сè е транспарентно и дека придобивките се јавни и достапни за граѓаните.

„Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДС и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија.

Затоа очекувам прифаќање на подадената рака за заедништво и поврзување на Македонија. Ова не е време на поделби, на криминал и рушење на позиции. Сега е време на градење, придонесување за иднината на сите. Сега е време за Македонија.“

Тој потсети дека денеска се навршува една година од функционирањето на овој собраниски состав на собранието на државата и дека како парламентарно мнозинство имаат одговорна задача да се направи ред и почитување на процедурите, по како што рече, едно континуирано повеќегодишно нивно прекршување, газење и урнисување.

„Таквиот пристап и таквите методи на поранешната оска на власт, СДС-ДУИ со поддршка на секогаш дезинтегрирачките и безидејни Левица придонесе за повеќекратно рушење на угледот на оваа институција.

Во оваа една година се донесоа решенија и закони за повисоки плати, имаше суштинска расправа за најзначајните прашања за граѓаните и се донесоа закони како тој за зголемување на пензиите и минималната плата, како тој за привремено и сезонско ангажирање на лица, законот за енергетика која е реформски закон кој поставува цврсти темели на нова енергетска политика на земјата и уште многу позитивни законски решенија во интерес на државата и граѓаните. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно со засилено темпо, во интерес на исполнување на ветувањата кон оние кои ни ја дадоа довербата, а тоа се граѓаните на Република Македонија“, порача Мицевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот