Месо во маркет / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Месо се купува колку манџата да замириса

Добар дел од малите свињарски фарми веќе се затворени, а кај оние кои се уште работат производството е драстично намалено. Ако ништо друго, засега нема да има нови поскапувања на цената на месото, бидејќи наскоро почнува и великденскиот пост, кој дополнително ќе ја намали потрошувачката

Граѓаните не треба да очекуваат драстично намалување на цената на свежото месо, оти свињите, говедата и пилињата и натаму јадат прескапа храна. Продажбата на свинско месо е намалена до 35 отсто, додека јунешкото се купува на грамови, велат месарите.

Субвенционираната струја, која ја добија фармерите е еден сегмент од кој зависат производните цени, а според Перо Колевски, генерален директор и сопственик на АГРИА Велес, таа само им го „продолжила“ животот. Според него, додека нивните српски колеги цело време ја плаќале струјата по 80 евра за мегават час, кај нас лани во август таа стигна и до 1.000 евра. Добар дел од малите фарми веќе се затворени, а кај оние кои се уште работат производството е драстично намалено.

-Пресметките покажаа дека при цена од 500 евра за мегават час електрична енергија, учеството на енергенсите во крајната цена на месната индустрија беше 15 отсто, а откако се склучија договорите за поевтина енергија, падна од 2 до 5 отсто, што е сериозно намалување. Благодарни сме што Владата ни излезе во пресрет, но со овој гест само не спаси од пропаст. Моравме да земаме кредити за да платиме струја. Во јуни лани, за струја плативме 7 милиони денари, а во август сметката достигна до 12 милиони денари. Тоа се фрапантни бројки, неиздржливо беше. Земете ја на пример и сточната храна, оти стоката не се храни со струја – лани еден тон пченка плаќавме по 150 евра, сега е 350. Еден тон соја чинеше 330 евра до Солун, а сега со сите транспортни трошоци чини фрапантни 652 евра за тон – додава Колевски.

Ако ништо друго, засега нема да има нови поскапувања на цената на месото, бидејќи наскоро почнува и великденскиот пост, кој дополнително ќе ја намали потрошувачката.

-Никој во пазарниот синџир од фармери, кланичари, но и трговците не добива ако се зголеми цената и потоа да ни останат купишта непродадено свежо месо по фрижидерите – велат дел од производителите.

На прашањето какви биле ефектите од замрзнатата маржа кај свежото месо, која беше на сила минатата годин, производителите и трговците велат дека тоа не е метод и модел за долгорочно решение, особено во сточарството кое се базира на живо производство.

-Мора да се зајакне домашното производство, бидејќи цената на свињите и на свиското месо во Европа растат, понудата е драстично намалена не само заради свинската чума, туку и од еколошки аспект. По ковидот, се случи војната во Украина и скокнаа цените на пченката, па затоа има се помалку свинско месо во Европа – објаснува Колевски. Сите овие параметри, плус птичјиот грип предизвикаа и пилешкото месо, кое до неодамна беше најевтино од останатите меса, сега е речиси на исто рамниште со свинското, а некои видови се продаваат и со слични цени како јунешкото.

Веќе е јасно и дека кај месната индустрија, работењето со поевтина струја, не предизвика особен ефект, се додека не се надмине проблемот со царината на увозното месо за преработка. Компаниите од месниот сектор, бараат укинување на оваа давачка, која по три години, повторно им се наплаќа од јуни годинава, а тоа ги прави сосема неконкурентни во однос на саламите кои влегуваат во земјава со „0“ царина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот