
Мерки ќе има, ама не се знае кога, Дурмиши закажа средба со трговците, увозниците и дистрибутерите
Законот за нефер трговски практики досега не е менуван и до МЕТ не е пристигнато барање за евентуални промени во делот на маржите, рече министерот Дурмиши
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши им порача да трговците да се вразумат, да дејствуваат соодветно според економските трошоци кои ги имаат и нереално да не ги зголемуваат цените, оти државата имала законски можности кои ќе ги употреби да го смири нивното дивеење. Без да открие во кој правец ќе се движи владината интервенција, тој само рече дека ова им е последна опомена, заканувајќи се со построги мерки во скоро време.
Препорачано
Дурмиши најави и дека денес ќе има средба со производителите, дистрибутерите и трговците и по којзнае кој пат истакна дека за сите евентуални чекори, јавноста ќе била навреме информирана. Министерот беше дециден дека ако се однесувале како претходните месеци, ќе преземат соодветни чекори и ќе „донеле остра одлука“.
-Со тоа што ги викаме на средба, значи дека се подготвуваме за преземање мерки. Ние сме обврзани да најдеме долгорочно решение. Статистички кај цените на храната во јули имаме раст од 0,3 отсто, во јуни тој беше 0,8, а во мај 1,1 отсто. Може да се забележи дека во јули, инфлацијата од трпезата се префрлила во секторот транспорт, каде имаме зголемување од 9,9 отсто, што е директно поврзано со зголемувањето на цените на горивата во текот на јули поради берзантските цени. Како и да е, сите што се поврзани со синџирот од големопродажбата до продажбата на мало, ќе добијат крајна опомена, а што ќе следи натаму ќе бидете навреме известени – истакна Дурмиши.
Министерот додаде и дека досега не е менуван Законот за нефер трговски практики и дека до него не е пристигнато барање за евентуални измени и дополнувања во делот на бруто профитните маржи.
-И за тоа ќе разговарам со трговците, производителите и дистрибутерите и ако има такво барање ќе бидете известени, ќе го разгледаме заедно со секторот – најави Дурмиши.
Тој се пофали дека Владата мисли на граѓаните, најавувајќи ја училишната кошничка, според која од 15 август од 15 септември, во трговијата на големо маржите на училишниот прибот мора да бидат 10, а на мало 15 отсто. Државниот пазарен инспекторат има законска можност и ќе излезе на терен да види дали владината одлука се почитува или не, а во спротивно ќе се пишуваат казни.
-Нашата заложба е ниеден ученик да не биде лишен од основните услови за образование и затоа презедовме конкретни чекори и директна подршка за сите семејства со новата мерка за училишна кошничка. Владата донесе одлука да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се спречи зголемувањето на цените на училишниот прибор и таа обврска се однесува на сите книжарници, спортски продавници и супермаркети. Производите мора да бидат јасно означени со налепницата „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и со плаката за целосна транспарентност. Цените ќе се споредуваат со оние кои важеа на 1 јули годинава. Ова не е изолирана иницијатива, бидејќи сакаме да интервенираме онаму каде животот е најскап – посочи Дурмиши.
Тој се пофали дека ваквата мерка лани се покажала како исклучително успешна и резултирала со намалување на цените на училишниот прибор од 20 до 50 отсто.
Колку чини да се опреми еден ученик?
Првичните проценки, според изјавите на дел од родителите, покажуваат дека подготовката за новата учебна година чини меѓу 6 и 10.000 денари. Најмногу пари треба да издвојат за првоодделенците, коишто треба да се опремат од „глава до пети“, додека средношколците може да поминат и со неколку нови тетратки, кои може да се носат под пазува. Сумирано, ако имате двајца ученици дома, тогаш ќе ви летне најмалку половина од платата, се разбира ако е во рамките на просечната.
Родителите сметаат дека мерката на Владата е корисна, но допрва ќе видат на кои производи ќе се однесува оти има огромна разлика во цените и во квалитетот. Во меѓувреме, некои родители масовно се снабдуваат со училишен прибор од соседна Србија, каде цените во одредени маркети се далеку поевтини од нашите.