
Менувањето на личните документи за највозрасните е „проблем во најава“
И ако за некого не е проблем да плати 2.000 денари за нов пасош и 310 денари за нова лична карта, најтрауматично ќе биде личното присуство за сликање. Граѓаните бараат Владата и МВР да го решат ова и тоа по истиот терк, како за регистарските таблички на возилата
Граѓаните повозрасни од 80 години да бидат ослободени од обврската да ги менуваат своите лични документи, е барањето што добива сè поголема гласност во јавноста. И ако за некого не е проблем да плати 2.000 денари за нов пасош и 310 денари за нова лична карта, најтрауматично ќе биде личното присуство за сликање. Се инсистира Владата и Министерството за внатрешни работи да изнајдат начин и да го решат овој „проблем во најава“ и тоа по истиот терк, како за регистарските таблички на возилата. До февруари идната година македонските граѓани ќе мора да извадат сет нови документи, а бидејќи уште сега почна потрагата за слободен термин, целата операција ќе им го усложни животот не само на повозрасните, туку и ќе ги стресира нивните семејства.
Препорачано
– Старите лица не се технолошки експерти, значи некој треба да се јави и да закаже термин. А тоа се разбира мора да биде член од семејството, кој ќе си ја „земе белјата“ и да го донесе старецот или старицата на сликање. Што правиме со моментот ако тоа лице е болно и изнемоштено или во најлош случај неподвижно, а згора на тоа мора и лично да си го подигне новиот сет документи?! Не ги малтретирајте старите, што може да ѝ е сменето на личност која е во седмата или во осмата деценија од животот – протестираат граѓаните.
– Генерацијата родена пред и за време на Втората светска војна е најзаслужна за просперитетот, слободата и мирот што денес сите го имаме. За волја на вистината, поминале многу. Растеле во воени услови, гладувале по војната во периодот на купони и немаштија, учествувале на доброволни работни акции и дури 50.000 од нив го изградиле хидроенергетскиот систем Маврово. Личната заработка им била секогаш во втор план. Ни го направија ова мало парче земја пристоен простор за живеење. Денес, веруваме дека Владата и Министерството за внатрешни работи ќе се однесуваат со почит и благодарност кон таа генерација и со донесување одлука ќе ги ослободат од обврската да вадат нови документи. Да им овозможиме мирен и спокоен живот – пишува меѓу другото нашата читателка Терезина.
Од друга страна, доколку не ги „освежат“ документите, пред постарите граѓани што имаат трансакциски сметки во банките се испречува нов проблем – ажурирање на податоците, сигнализираат упатените. Без тоа нема да може да ја користат пензијата или, пак, различните социјални примања, вклучително и помошта за туѓа нега! Според регулативата, граѓаните сами, или преку полномошник, може да ги ажурираат податоците. Но, што ако станува збор за постаро лице, кое е врзано за кревет или е сместено во старски дом? Поради ваквото однесување на банките, со најголеми проблеми се соочуваат роднините на тешко болните, кои не се во можност лично и периодично да ја потврдат својата желба некој друг да ги застапува. Најчесто станува збор за стари лица, чиј единствен имот најчесто се банкарските картички на кои ја добиваат пензијата. Но, картичката мора да се обновува на секои две до пет години.
– Иако сум ополномоштеник, за да ги ажурираме податоците на мајка ми која е болна и неподвижна, мораше да поканиме нотар дома да ја направи заверката. Доаѓањето на нотарот во домашни услови чини 1.500 денари, изготвувањето на нотарскиот акт е дополнителни 550 денари, плус трошоците за превоз на нотарот – вели една револтирана скопјанка. Поранешни нотари за „Слободен печат“ велат дека со оглед на фактот дека македонското население старее, сè почесто се соочуваат со барања да излезат на терен и дека за тоа е потребно однапред да се закаже термин. Тие предупредуваат дека никако не се нафаќаат да ја вршат оваа услуга доколку лицето е дементно.
Еден закон, триста проблеми
Обврската за ажурирани податоци е според Законот за спречување на перење пари и други приноси, кој е основа на Управата за финансиско разузнавање преку редовно ажурирање на податоците на граѓаните и на фирмите во банка, да контролира го финансискиот криминал. Банките се должни да работат под ваквата контрола на Управата, во спротивно вршат кривично дело.
За време на пандемијата, стотици граѓани што беа на списокот за добивање државна помош од шест илјади денари, останаа без овие пари бидејќи не им беа ажурирани сметките.
Од Организацијата на потрошувачите за „Слободен печат“ велат дека добиле многу поплаки од постари граѓани, на кои пред Нова година им беа блокирани сметките затоа што не ги ажурирале податоците.
– Многу граѓани беа револтирани затоа што не беа известени за тоа дека мора да ги ажурираат податоците. Особено е критично кај постарата генерација, која не ракува со технолошките алатки, па за секоја услуга треба да застане пред шалтер, или пак некој друг да го придружува – велат во ОМП.