фото: принтскрин/facebook.com/rkvardar

Мелсунген пресилен за ракометарите на Вардар во Европската лига

Во својот втор натпревар оваа сезона во ЕХФ Европската лига, ракометниот клуб Вардар 1961 загуби убедливо на гости од Мелсунген со 34:18. Германскиот претставник уште еднаш докажа зошто е еден од главните фаворити за пехарот во ова натпреварување.

Скопските „црвено-црни“ успеаја единствено на стартот да израмнат на 1:1, а потоа домаќинот направи серија од 4:0 што беше најава за високата победа. Играчите на Владо Недановски се доближија на „минус два“ (5:3), но повторно се дозволи ривалот да направи нова низа на погодоци за високи 9:3 на семафорот.

Мелсунген одржуваше позитива од четири-пет голови разлика сѐ до моментот кога повторно Вардар за момент ги враќа своите шанси на овој натпревар откако дојде на само „минус два“ (11:9) и наместо да се одржува ваквата резултатска неизвеност, германската екипа имаше нов силен налет до паузата со серија од 6:1 за 17:10 по првото полувреме.

Во вториот дел Вардар не можеше ништо повеќе да направи, делуваше немоќно на теренот, доминираше Мелсунген кој за прв пат на овој дуел дојде и до двоцифрено водство (20:10), а нешто подоцна зголеми и на 25:12 и 27:13. Најголемата предност на Германците изнесуваше „плус 16“ (30:14), и финишот беше само рутина.

Српскиот интернационалец Крсманчиќ беше најефикасен во редовите на Вардар со четири голови, а по три имаа македонскиот репрезентативец Милан Лазаревски и Тунижанецот Ашраф Маргели.

Во рамките од третото коло Вардар на 22 октомври во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје ќе го пречека Порто од Португалија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот