
Меланија Трамп предупредува: „Роботите се тука“
Првата дама Меланија Трамп имаше ретко јавно појавување во Белата куќа во четвртокот, предупредувајќи ја публиката дека „роботите се тука“ и дека „наша одговорност е да ги подготвиме американските деца“ за наредните децении во кои ќе владее вештачката интелигенција.
Препорачано
„Нашата иднина повеќе не е научна фантастика“, рече Меанија. „Во оваа рана фаза, наша должност е да се однесуваме кон вештачката интелигенција како што би се однесувале кон нашите сопствени деца – да ѝ дозволиме да расте, но со внимателно водство.“
Настанот, дел од Работната група за едукација за вештачка интелигенција на Белата куќа, формирана претходно оваа година, претставуваше едно од ретките јавни појавувања на првата дама, која се покажа како недостапна и влијателна откако нејзиниот сопруг се врати во Белата куќа.
Поголемиот дел од вниманието на првата дама е насочено кон децата, продолжение на претходната иницијатива „Биди најдобар“ започната за време на првиот мандат на Трамп, која се однесуваше на благосостојбата на децата и борбата против сајбер-малтретирањето и злоупотребата на опиоиди.
Покрај нејзината неодамнешна работа на вештачката интелигенција, таа беше клучна во протуркувањето на Законот за отстранување на содржини, со кој се криминализира објавувањето на „интимни слики“, реални или генерирани од вештачка интелигенција, онлајн без согласност на лице.
Предлогот доби ретка двопартиска поддршка меѓу инаку длабоко поделените американски законодавци.
Еинав Рабинович-Фокс , професорка на Универзитетот „Кејс Вестерн Резерв“ која ги проучува првите дами, објасни за „Би-би-си“ дека иако „не е невообичаено“ првите дами да се фокусираат на младите луѓе, г-ѓа Трамп има поинаков пристап.
„Првите дами имаат тенденција да се фокусираат на области кои се сметаат за поженствени, како што се децата и образованието – работи кои историски биле родово одвоени“, рече таа. „Она што можеби е невообичаено кај Меланија е нејзиниот пристап.“
„Не доаѓа од мајчинска, женска перспектива, туку повеќе од деловна страна“, додаде Рабинович-Фокс.