
Мексико: 10 членови на картел осудени на 141 година затвор за свирепи убиства на фарма
Десет мажи, членови на мексикански нарко картел, се осудени во вторникот на по 141 година затвор за убиство и киднапирање во западната држава Халиско, објави обвинителството, во случај што го шокираше Мексико.
Препорачано
Десетте мажи беа уапсени во септември на фарма за која обвинителите велат дека била центар за присилно регрутирање за картелот „Нова генерација Халиско“ (JNGC), една од најмоќните криминални банди во земјата.
Напуштената фарма во северозападната држава Халиско беше претресена на 5 март, по иницијатива на колектив на роднини на исчезнати лица – во земјата има повеќе од 100.000.
Изгорени коскени фрагменти и стотици парчиња облека и чевли беа пронајдени на ранчот во Теучитлан, околу 80 километри западно од главниот град на државата, Гвадалахара.
Но, не беа пронајдени докази што укажуваат на „крематориуми“, рече главниот обвинител на Мексико, кој најави дека лично ќе ја надгледува истрагата. Роднините на исчезнатите лица веруваат дека на ранчот се наоѓале крематориуми во кои биле горени телата на луѓе кои биле насилно регрутирани од картелите, а потоа убиени.
-Но, „не е пронајден ниту еден доказ што ја потврдува оваа хипотеза“, инсистираше државниот обвинител Херц.
Мексико, според некои статистики, има повеќе од 127.000 исчезнати лица; тоа е „човечка трагедија“ од огромни размери, според надлежниот комитет на ОН.
Повеќето од овие исчезнувања се евидентирани по 2006 година, кога армијата со наредба е распоредена во земјата за да ги уништи картелите, па започнаа операции што доведоа до нивна фрагментација во помали, уште покрволочни банди.
Државата Халиско е онаа што е најмногу погодена од исчезнувањата: таму се пребројани повеќе од 15.000 случаи од ваков вид. Во тек се истраги за да се утврди колку луѓе биле насилно однесени на оваа фарма или „ранчот на ужасот“, како што ја нарече печатот.