
„Мекдоналдс“ ќе плати отштета од 800.000 долари на девојче кое се изгорело од мекнагет
Во тужба против локалниот „Мекдоналдс“, судот му доделил на едно семејство од Јужна Флорида отштета од 800.000 долари за тешките изгореници што тогаш 4-годишното девојче наводно ги претрпело од прегреан мекнагет кој и паднал во скут.
Препорачано
Пресудата во мај утврди дека „Мекдоналдс“ и сопственикот на франшизата се одговорни за изгорениците на детето. Судијата ги прогласи за виновни затоа што не ставиле предупредувачки етикети на пакувањето.
Оваа недела поротата одлучи дека детето треба да добие 800.000 долари за претрпеното страдање. Семејството барало отштета од 15 милиони долари.
„Секогаш кога имате работа со повредено дете, сакате повеќе во негово име. Но, на крајот на денот, ние сме адвокатите на судењето, ја почитуваме пресудата на поротата. Тие ги слушнаа доказите, дојдоа до она што го сметаа за праведен резултат за ова дете и ние го почитуваме тоа“, рече адвокатот Џон Фишер, кој ги застапува Оливија и нејзините родители.
Во 2019 година, Оливија Карабало, која тогаш имала четири години, се изгорела од мекнагет, парче пржено пилешко месо. Инцидентот се случил во Тамарач, мал град северно од Мајами. Во тужбата било наведено дека бедрото на Оливија било оставено „изобличено и со лузни“.
Нејзините родители, Филана Холмс и Умберто Карабало Естевез, тврделе дека Оливија се здобила со изгореници од втор степен од „неразумно и опасно жешкото“ месо.
Тие ја тужеле корпорацијата „Мекдоналдс“ и сопственикот на франшизата. „Мекдоналдс“ негирал дека сторил нешто лошо во случајот. Во мај, „Мекдоналдс“ објави соопштение во кое се вели дека инцидентот е несреќен случај и дека не се согласува со пресудата.