Меѓународна награда „Игор Забел“: Признание за критичкиот пристап во полето на културата и теоријата на Славчо Димитров

Активистот, теоретичар на културата и куратор Славчо Димитров е меѓу добитниците на меѓународната награда „Игор Забел“ за култура и теорија, а церемонијата за доделување на наградата се одржа на 4 декември со онлајн стриминг од „Модерна галерија“ во Љубљана, Словенија.

Добитничка на главната награда „Игор Забел“ за култура и теорија за 2020 година е словенечката кураторка Зденка Бадовинац, директорка на „Модерна галерија“ во Љубљана, додека Славчо Димитров (Скопје), Каталин Ердуди (Виена/Будимпешта) и Ивана Баго (Загреб) се добитници на грантови од наградата „Игор Забел“.

Целта на наградата е да го зачува и реконтекстуализира во современиот контекст огромното значење на делото на Игор Забел, како еден од најзначајните современи, не само словенечки туку и меѓународни, критичари, историчари на уметност и куратори, а истата, во исто време, создава мостови помеѓу кураторите, теоретичарите и културните работници од регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа со оние од Западниот културен свет, и на тој начин, дополнително, ја промовира работата на истите од овој регион.

Меѓународното признание за Славчо Димитров е огромно охрабрување и мотивација за неговата работа (Фотографија: Жарко Чулиќ)

– Наградата за мене претставува интернационално признавање и препознавање на мојата долгогодишна работа и напори во областа на критичката, културната и квир-теоријата, како и испресекувањето на овој теориски интерес со политичкото/активистичко дејствување, ангажманот со кураторското, и праксата на креирање естетски и социјални формации и платформи. Особено значење има, првин, имајќи го предвид контекстот во којшто е ситуирана мојата позиција на дејствување (македонскиот, а делумно и српскиот): како средина во која, од една страна се исклучително маргинализирани теориските дискурси и знаења, алтернативните и супкултурни (квир и феминистички) перформативни практики и уметности, и ангажманот на естетското во критика на хегемониските идентитетски операции на моќта (наспроти една романтизирана, квазиуниверзалистичка, естетски испразнета визија за уметноста во официјалните институционални кругови), а кои се во преден план на мојот интерес. Контекст во кој значаен дел од уметничката, медиумската и кустоската фела, па и Министерството за култура, на пример, на уметничките практики кои ги курирам и претставувам овде гледа како на културно-уметнички ирелевантни дејствувања, и покрај тоа што голем дел од практиките и уметниците со кои работам се предмет на интерес на најзначајните современи културни институции, теоретичари и историчари на уметноста. Второ, значајна е затоа што е признание на еден транс-дисциплинарен ангажман, на една „помеѓу“ позиција, и трансверзално дејствување кое ги поврзува и политичкото, и социјалното, и естетското, и културата (во нејзиното широко значење наследено од културните студии), а не на дисциплинарното и професионално сегрегирање, легитимација и препознавање на трудот. Конечно, значајна е бидејќи е признание за посветеност во контекст кој геополитички се наоѓа на маргините, како политички, така и од перспектива на нарцисоидните Западни циркулации на дискурси за културата и уметноста. Одовде, за мојата идна работа, истата претставува едно огромно охрабрување и мотивација – одговори Славчо Димитров за значењето на наградата што ја доби.

Наградата „Игор Забел“ недвосмислено оддава признание и промовира еден трансдисциплинарен и критички пристап кон културната работа, уметноста и задачата на интелектуалецот и теоријата, нагласувајќи ја нужноста и итноста за сериозен критички ангажман на културните работници и теоретичарите со транснационалните и локални искуства на нееднаквост, насилство, авторитаризам, експлоатација, и опресија, и потребата од ургентна трансформација на хегемониските модели на живеење, граѓанство и светоградење.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот