
Меѓународната уметничка колонија на „Арт поинт – Гумно“ завршува со ретроспективна изложба на Либеречката школа за фотографија
Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, од 18 август, ќе биде отворена ретроспективната изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија од Чешка.
Препорачано
Изложбата воедно ќе биде и завршниот настан за годинашната меѓународна уметничка колонија на Центарот за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“ од с. Слоештица, Демир Хисар, кој годинава го одбележува 20-годишното постоење со единствен наслов: „Убавина уловена пред да исчезне“.
Соработката со Либеречката школа за фотографија од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што „Арт поинт – Гумно“ ги реализира во изминативе 20 години.
Професорите и одбрани студенти од оваа школа, до сега, во два наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица: во 2018 година, 9 фотографи работеа на илустрација на песната „Можев да ти бидам“ (Пофалба на Демир Хисар) од Петре М. Андреевски; и во 2021 година, петмина претставници на школата работеа на тема „Везилка“, во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески.
Годинава, во фокусот на 9-мината чешки фотографи е македонското село.
Групата што гостува во Слоештица во периодот од 8 до 20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува.
Во просторот на прилепската библиотека, публиката ќе има можност да види 17 фотографии на коишто буквално е отсликано секојдневието на демирхисарските села.
На изложбата ќе биде изложено и едно платно: „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го наслика во чест на фотографите од Либерец. Поставката што се реализира во соработка со библиотеката „Борка Талески“, Прилеп, ќе биде отворена до 31 август.
Инаку, престојот на чешките фотографи во Слоештица е поддржан од македонското Министерство за култура, а нивното патување е овозможено од ЕУ во рамките на програмата Креативна Европа „Културата ја движи Европа“.