Масакр во училиште во Грац/Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Медиумската одговорност по трагедијата во Грац: Информација или експлоатација?

По смртоносниот напад во училиште во Грац, австриската влада најави сеопфатни мерки за спречување слични трагедии во иднина. Тие вклучуваат построги услови за поседување оружје, подобрување на институционалната соработка и поддршка за погодените.

Неделата по најтешкиот масакр во поновата историја на Австрија започна со минута молчење во Националниот совет и првични чекори кон сеопфатен политички одговор. Настанот во кој 21-годишен напаѓач уби десетмина недолжни луѓе во училиште во Грац ја потресе јавноста, остави длабоки рани и отвори суштински прашања, како е можно да се случи вакво нешто и што мора да се стори за да не се повтори?

Владата, предводена од канцеларот Кристијан Штокер (ОВП), заменикот Андреас Баблер (СПО) и министерката за надворешни работи Беате Мајнл-Рајсингер (Неос), на седницата на парламентот не само што оддаде почит туку најави и конкретни политички чекори. Најавеното владино соопштение се фокусира на заострување на законите за оружје, подобрување на размената на информации меѓу институциите и сериозен пристап кон менталното здравје, особено кај младите.

Веќе првите елементи од мерките покажуваат јасна насока, построги психолошки тестови за добивање дозвола за оружје, забрана за пристап до оружје за ризични категории и нови протоколи за споделување информации меѓу службите. Особено загрижувачки е фактот што напаѓачот, и покрај тоа што бил прогласен за психички нестабилен од страна на армијата, сепак ја добил оружената дозвола по положен тест.

Владата планира и засилување на училишната психологија, задолжителни разговори со ученици што се откажуваат од школување и обврзувачки мерки за млади во ризик. Предвидени се и фонд за обештетување на жртвите, вклучително покривање на трошоците за погреби и психолошка поддршка. За матурантите во погоденото училиште ќе важат флексибилни правила – ќе можат да изберат дали ќе полагаат усна матура или не.

Дополнително, училиштето ќе биде под засилено полициско обезбедување до крајот на учебната година. Сето ова сведочи за сериозноста на пристапот, но и за обемноста на последиците што овој настан ги предизвика во општеството.

Медиумскиот сензационализам под контрола

Одделно, медиумската димензија на трагедијата отвори нов фронт. По масакрот во Грац, австриските медиуми се најдоа под остри критики поради начинот на кој информираа за настанот со сензационалистички пристап, прекршување на приватноста на жртвите и потенцијално херојзирање на сторителот.

Над сто поплаки биле поднесени до Прес советот, каде граѓаните изразиле загриженост за прекршување на достоинството на жртвите, изложување на нивните семејства и несоодветно прикажување на напаѓачот.

Bицеканцеларот Андреас Баблер (СПO) остро реагираше на однесувањето на дел од австриските медиуми, изјавувајќи дека „достоинството на жртвите мораше да отстапи пред сензационализмот“, при што истакна дека не станува збор само за грешки, туку и за намерно ширење на лажни и вознемирувачки содржини со цел зголемување на посетеноста и остварување политички влијанија.

Тој најави дека во наредните недели ќе свика „Форум за медиумска одговорност“, каде што ќе се состанат експерти, медиумски претставници, политички портпароли и психолози за да се анализира досегашното известување и да се изработат конкретни мерки, вклучувајќи можни законски измени, за да се спречат слични појави во иднина.

Баблер укажа дека треба да се размисли и за условување на државната медиумска поддршка со критериуми за одговорно новинарство. Тој посебно го спомена десничарскиот канал Auf 1, кој објавувал видеа со драматична музика и снимки од местото на настанот, што го оценува како особено проблематично.

Баблер најави дека ќе се разгледа дали има потреба од построги регулативи за аудио-визуелните медиумски услуги, со особено внимание на заштитата на слободата на медиумите и изразувањето.

На крај, тој ги повика граѓаните погодени од лажни вести и говор на омраза да не молчат, туку да побараат поддршка од соодветни служби и да преземат правни чекори, потсетувајќи дека актуелното законодавство, вклучително и пакетот закони против омраза на интернет од 2020 година, веќе нуди можности за заштита на жртвите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот