Фото: Македонско еколошко друштво

МЕД: Зголемена популацијата на штркови – Во Пелагонија има најголем број гнезда

Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади, вкупно 1,170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија

Македонското еколошко друштво (МЕД) евидентираше вкупно 1.765 гнезда на штркови – 1.388 активни гнезда и 389 неактивни гнезда, односно гнезда во кои не се извеле млади, биле гнезда за спиење на штрковите, или имало само една возрасна птица. Вкупниот број на изведени штркчиња е 3,934.

МЕД спроведе пребројување на штрковите на национално ниво. Овој цензус се спроведе во рамки на 8. Европски цензус на штркови којшто се прави на секои 10 години, а во Македонија првпат се спроведе во 2014 година. При истражувањето во Македонија беа вклучени над 15 членови и волонтери на МЕД.

Фото: Македонско еколошко друштво

– Штрковите најчесто ги населуваат рамничарските региони и најголем дел од гнездата се лоцирани во населените места. Како региони со најмногу гнезда на штркови се издвојуваат Пелагонија (541 гнездо) и Овче Поле (326 гнезда). Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади, вкупно 1,170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија, следено од Овче Поле и Кочанско Поле со 707 млади птици, додека Долно Повардарие и Радовишко – Струмичка Котлина исто така имаат висока бројност на млади, со 367 и 545 соодветно. Трите села со најмногу гнезда од штркови се Стојаково – 53, Богородица – 45 и Росоман со 41 гнездо. Најголем број на гнезда се наоѓаат на бандери (околу 76% од сите гнезда), кровови на куќи (18%), силоси, кровови и оџаци на фабрики околу 5%, додека пак најмалку гнезда на штркови се лоцирани на дрва – помалку од 0,2% – велат од МЕД.

Во споредба со цензусот на штркови направен во 2015 година, се забележува зголемување на популацијата на штркови, односно, бројот на активни гнезда од 837 пораснал на 1.388, што претставува зголемување на популацијата на штркови во државата за 60 отсто за период од 10 години.

Фото: Македонско еколошко друштво

-Од друга страна, годинава се извеле 49 проценти повеќе млади споредено со 2014. Популацијата на белите штркови расте во цела Европа. Ваквиот пораст на бројноста на белите штркови се должи на успешноста на имплементираните мерки за заштита на штрковите, намалениот притисок од земјоделството, но и климатските промени играат важна улога бидејќи сега штрковите полесно наоѓаат храна во зимски услови, па така им се намалува и миграторниот пат – додаваат од Македонското еколошко друштво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот