
Мечката настрада во сообраќајна несреќа, а јас таму бев службено – тврди Дранго, заменик-директорот на „Македонијапат“
Заменик-директорот на ЈП „Македонијапат“, Сашо Дранго, од кого здружението „Анима мунди“ денеска објави фотографија со пушка, ловечка опрема и мртва мечка, вели дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа. Дранго и вработените во „Македонијапат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа, тврди функционерот во изјава за „Телма“.
Препорачано
Иако на фотографијата јасно се гледа дека Дранго носи пушка со снајперски нишан и стои покрај мртвата мечка во снег и среде шума, тој негира дека ја убил додавајќи дека „решавање на случајот ќе бара преку судски процес“. Тој сподели и дека во лов на мечки бил во Финска, од каде имал слични фотографии.
„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во „Македонијапат“ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста ротино-битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави за „Телма“ Сашо Дранго.
Во Законот за дивечот и ловството, во членот 11 пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.

„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така, ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција-заменик директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат ова и тој ќе одговара како што налага Кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска Георгиевска од Анима Мунди.