Државна матура / Фото: МИА
Државна матура / Фото: МИА

Матурскиот испит по македонски јазик ќе биде поништен за учениците кои ги прекршиле правилата на полагање

Државниот испитен центар (ДИЦ) денеска на стручен колегиум формираше комисија која треба да ги констатира прекршоците кои се направени при полагањето на матурски испит по мајчин јазик во саботата. Во исто време за прв пат се формираат и десет нови комисии по сите предмети кои се дел од матурата. Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска за „Слободен печат“ вели дека поништување на испитот ќе има само за учениците кои препишувале и каде има констатирано недоследности при полагањето.

– Нема поништување на полагањето за сите ученици, туку само за оние кои препишувале или на друг начин ги прекршиле правилата. Комисиите ќе ги собираат претставките и потоа ќе се одлучува каде ќе биде поништен испитот. Сите кои ги почитувале правилата резултатите треба да ги очекуваат 30 дена по полагањето- вели Михајловска.

Како што информираше Михајловска утрово во вибер-група, што постоела и пред полагањето на испитот, бил споделен тестот веднаш кога почнал испитот по мајчин јазик и литература, а линкот на ДИЦ му го пратиле ученици и родители.

-Откако почна испитот, добивме линк дека е споделен тестот во вибер-групата. Значи, откако учениците седнале на место и ги добиле тестовите за да почне испитот, некој ученик го сликал празниот тест и го ставил во вибер-групата со намера некој друг да му помогне да ги одговори прашањата. Потоа неколку ученици меѓу себе споделувале што мислат дека би било точен одговор, рече Михајловска.

Матура ќе се полага на факултети, сали за физичко и по холовите на училиштата

Не е познато кој го сликал тестот и кој го споделил во групата бидејќи, вели, не значи дека во вибер-групата учениците ги користат своите имиња, а ДИЦ, рече Михајловска, нема надлежност да истражува.

-Она што ние имаме намера да го направиме и, без оглед на вибер-групите, го правиме сите години наназад, е да констатираме дали има два идентични теста односно делови од текст. Кога ќе го констатираме тоа, не ни треба вибер-група за такво нешто, додаде Михајловска.

Матурантите во саботата го полагаа задолжителниот екстерен испит, за кој беа пријавени 10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Во сабота на 8 јуни, ќе биде полагањето на вториот (изборен) екстерен испит. Прелиминарните резултати од двата екстерни испита ќе бидат објавени најдоцна до 8 јули односно 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит.

МОН: Средните училишта подготвени за спроведување на државната матура

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот