
Матичните лекари почнаа да ги наплатуваат потврдите за оправдување на изостаноци
Матичните лекари почнаа да ги наплатуваат потврдите за оправдување на изостаноци, а цените за истите се движат од 300 до 500 денари, реагираат родители кои се обратија во редакцијата на „Слободен печат“.
Препорачано
– Син ми кој е средношколец една недела не посетуваше настава од здравствени причини. Кога од матичната лекарка побара да му биде издадена потврда за оправдување на изостаноците, му рекле дека треба да плати 500 денари. Син ми не ја зел потврдата бидејќи не носел толкава сума на пари со него, по што ја исконтактирав класната раководителка и ѝ ја објаснив ситуацијата. Но, бидејќи класната инсистираше да однесеме оправдување за изостаноците, моравме да ја платиме сумата што ни беше побарана, што сметам дека е нелогично. Сепак, станува збор за матичен лекар кој од нас пациентите добива редовна месечна капитација, вели Гордана, чиј син се лекува во приватна амбуланта во Маџари.
Но, таа не е единствена која се соочила со вавка ситуација. Билјана, чиишто две ќерки се лекуваат во приватна ординација во центарот на Скопје исто така вели дека и било побарано пари за да добие лекарско опртавдување на изостаноци од часови.
– Едната ќерка е третто одделение, другата шесто. Прво се разболе помалата и тогаш првпат ми беше побарано пари за потврда за оправдување. Платив 300 денари. По кратко време се разболе и постарата ќерка, и за неа платив исто толку. Не знам дали е тоа нова пракса, и дали е регуларно, но сепак ми е чудно само за една потврда да треба да плаќаме, вели Билјана.
Токму пандемијата од ковид и изостанувањето од работа или училиште ги наполни чекалните на матичните лекари. Пациентите, не само што чекаат за преглед, туку и за добивање за потврда за оправдано отсуство. Тоа, според претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова Дервишова, го отежнува работењето на матичните лекари и тие имаат право да си го наплатат трудот.
– Во ценовникот на матичните лекари стои дека медицинска потврда се наплатува 300 денари. Капитацијата не е осмислена да биде доволна за секоја услуга на пациентите. Овие услуги не спаѓаат во капитациониот бод што ни го исплатува Фондот за здравство. Едноставно треба да се знае дека матичните лекари не се печатници за секојдневно да издаваат по десетици потврди. Нас не ни бараат само учениците потврди, ни бараат и работници кои сакаат да се оправдаат пред шефовите. Затоа и имаме воведено ценовник. На пример, за потврда за нега од трето лице се наплатува 500 денари, 1.300 денари е потврда за инвалидска пензија, а 300 денари матичните лекари наплатуваат за издавање на потврда за изостанок од часови, потврдува Чолакова.
Таа нагласува дека цената на услугите достигнува и до 3.000 денари во случај да треба лекарот да сведочи на суд во име на преглед кој го извршил, а со кој би се докажала повреда.
На прашањето дали наплатувањето на лекарските потврди е во согласност со законот и според кој правилник се тие цени, од Фондот за здравствено осигурување ни одговорија:
– Со донесувањето на Законот за здравствено осигурување во 2000 година, во членот 10 став 1 точка 11 регулирано е дека издавањето на сите видови на лекарски уверенија не се на товар на задолжителното здравствено осигурување. Тоа значи дека сите потврди (лекарски уверенија) вклучувајќи ги потврдите потребни за упис во градинка, училиште како и оправдување за отсуство од училиште не се дел од здравственото осигурување и избраните лекари може да ги наплатуваат.
За доктор Никола Пановски кој е и поранешен директор на ФЗОМ, наплатувањето на оправданијата за изостаноци е скандалозно.
– Лекувањето на децата е бесплатно, прегледите не се наплатуваат, тогаш зошто да се наплатува една обична потврда? Јас сум шокиран од ваквата пракса на матичните лекари. Парите од осигурувањето на пациентите одат кај матичните лекари, нема апсолутно никаква потреба дополнително да се земаат пари од граѓаните за издавање на оправдување за отсуство од часови. Постапката е многу јасна, ако едно дете веќе било на преглед кај матичниот, примило терапија, следува и оправдување за во училиште. Дури и да не се јавило на лекар, ако имало потреба да остане дома две-три дена, а родителот гарантира за тоа, тогаш без проблем и без пари се издава оправдување. И за боледување не треба да се бараат пари за издавање лекарска потврда, дециден е д-р Никола Пановски.
Според него, единствено има логика да се наплатува за потврди неопходни за патување, а се друго мора да биде бесплатно.
Парите кои матичните лекари ги земаат од пациентите за овие административни белешки не се пријавуваат во Фондот, туку остануваат за лекарите, кои би требало да ги пријават во УЈП.