Матичните лекари бараат да се истражи кој и зошто го уби доктор Ацо Трповски и велат дека се чувствуваат небезбедни

Матичните лекари денеска од 12 до 16 часот не работат како знак на почит и револт поради тоа што нивниот колега, матичниот лекар Ацо Трповски, беше брутално убиен пред ординацијата каде работел во скопската населба Железара со убоди од нож. Осомничен за убиството уште нема а истражните органи работат на случајот.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова денеска изјави дека бараат нови закони за заштита на здравствениот кадар.

-Денеска во знак на траор, во знак на почит кон колегата кој на грозоморен начин беше убиен на 67 години, матичните лекари од примарното здравство не работат. Ова е за да го подигнеме гласот, да разговараме за нови закони коишто би значеле посилна заштита на здравствениот кадар, каде што казните би биле поригорозни, се со една единсвтена цел да се чувстува безбедно здравствениот персонал, рече таа.

Таа рече дека лекарите очекуваат одговори од надлежните органи во врска со околностите во кои бил убиен нивниот колега, бидејќи, како што додаде, во моментот се чувствуваат небезбедни.

-Ние не знаеме која е причината за убиството, но докторот е убиен во кругот на Здравствен дом, така што очекуваме органите на прогонот да ни кажат што се случува, инаку вака се чувстуваме небезбедни бидејќи сите имаме пациенти кои се психички нестабилни, пациенти кои се зависници, со анксиозно-депресивни состојби, биполарни растројства. Така што навистина сакаме да имаме безбеден регион и безбедна просторија и простор да можете да отидете до својот автомобил, да се вратите, да може безбедно да работите, додаде таа.

Таа истакна дека иако има закон според кој се гони по службена должност за здравствените работници кои се нападнати, сепак, тоа не е доволно.

-Само да стои во закон дека ние сме службени лица, не врши никаква функција. Мора секој здравствен работник, дали е тоа медицинска сестра, дали е тоа доктор, хирург, за примарно, секундарно, терциерно здравство ние за сите колеги сметаме дека ваков чин не треба да се повтори, порача претседателката на Здружението на приватни матични лекари.

Доктор Ацо Трповски, матичен лекар на само два месеци пред пензија беше пронајден убиен во неговиот автомобил паркиран пред ординацијата каде работел под концесија. Сторителот и мотивите се истражуваат и не се познати. Се чекаат резултатите од обдукцијата, се прегледуваат снимките од безбедноснсите камери и се разговара со блиските на лекарот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот