
Масовен кибернапад против Мајкрософт
Серверскиот софтвер на Мајкрософт беше под масовен напад од хакери, а аналитичарите за кибербезбедност предупредуваат на широко распространети безбедносни нарушувања низ целиот свет.
Препорачано
Софтверската компанија со седиште во Редмонд, Вашингтон, соопшти дека објавила нова безбедносна закрпа што нејзините клиенти можат да ја инсталираат на нивните SharePoint сервери „за да ги ублажат активните напади насочени кон локалните сервери“, додавајќи дека работи на објавување на други поправки.
Агенцијата за кибербезбедност и безбедност на инфраструктурата на САД (CISA) соопшти дека е свесна за ранливоста, која би можела да им овозможи на хакерите да добијат пристап до датотеки и внатрешни системски поставки, како и да извршат код преку мрежата.
Фирмите за кибербезбедност предупредија дека голем број организации ширум светот би можеле да бидат погодени од пробивот, а Сајлас Катлер, истражувач во Censys со седиште во Мичиген, проценува дека повеќе од 10.000 организации со SharePoint сервери се изложени на ризик. САД имаат најголем број од тие организации, по што следат Холандија, Обединетото Кралство и Канада, рече тој.
-Ова е вистинско време за „ransomware“ и многу хакери ќе работат напорно овој викенд – додаде тој.
„Пало Алто Нетворкс Инк.“ предупреди дека „овие напади се реални, тековни и претставуваат сериозна закана“. „Гугл Терет Интелиџенс“ во соопштение испратено по е-пошта соопшти дека идентификувале хакери кои ја експлоатираат ранливоста, додавајќи дека таа овозможува „постојан, неовластен пристап и претставува значителен ризик за погодените организации“.
„Вашингтон пост“ објави дека пробивот влијаел на американските федерални и државни агенции, универзитети, енергетски компании и телекомуникациски компании во Азија, повикувајќи се на владини претставници и приватни истражувачи.
Мајкрософт беше погоден од серија кибернапади во последните денови и предупреди во март дека кинеските хакери ги таргетираат алатките за далечинско управување и апликациите во облак за да шпионираат компании и организации во САД и во странство.
Одборот за преглед на кибербезбедноста, група формирана од Белата куќа за преглед на големи кибернапади, минатата година изјави дека безбедносната култура на Мајкрософт е „несоодветна“ по големиот упад во поштенските сандачиња на Exchange Online во 2023 година. Во тој инцидент, хакерите успеаја да компромитираат 22 организации и стотици поединци, вклучувајќи ја и поранешната министерка за трговија на САД, Џина Раимондо.