
Мартин Богатинов ја заврши професионалната фудбалска кариера
Мартин Богатинов (39) одлучи да ја заврши својата професионална фудбалска кариера по 22 години. Последен клуб на македонскиот голман беше Етникос Ахна од Кипар за кој настапуваше 10 години и запиша 201 официјален настап.
Препорачано
Како признание за неговиот придонес, клубот му додели почесен дрес како знак на благодарност.
На клупски план ги бранеше боите на Силекс, Брегалница Делчево, Вардар, Цементарница, Локомотива, Тетекс, Работнички, па следуваше првиот трансфер во странство, поточно во украинскиот клуб Карпати Лвив, беше дел и од романската Стеауа и кипарскиот Ермис. За нашата А селекција запиша 18 настапи.
– Дојде моментот кој ниту еден фудбалер не може да го избегне, после 22 години професионална фудбалска кариера дојде време за крај, крај на една убава приказна која што започна во моето родно Кратово во мојот матичен клуб Силекс, следуваше Брегалница Делчево, Вардар, Цементарница, Локомотива, Тетекс, Работнички, мојот прв интернационален трансфер Карпати Лвив (Украина), Стеауа Букурешт (Романија), Ермис (Кипар), и на крај заврши во Етникос Ахна (Кипар).
Приказна проследена со многу убави моменти и помалку лоши, со гордост го носев националниот дрес, сон на секој фудбалер, голема благодарност до сите тренери со кои соработував. Благодарност до сите мои колеги со кои настапував сите овие години, до сите спортски работници до сите спортски новинари најголема благодарност до мојата фамилија која што беше со мене сите овие години и беа мојата најголема поддршка. Фудбалот ми даде многу работи во животот но време е за ново поглавје, се гледаме наскоро надвор од теренот. Спортски поздрав – стои во објавата на Богатинов.