
„Марш за ангелите“ во Кочани: Да покажеме дека правдата за нашите ангели е над сè
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 Кочани“ за денеска најавува нов, 25. протестен „Марш за ангелите“ во Кочани кој ќе започне во 16:05 часот.
Препорачано
Родителите и граѓаните ќе маршираат од „Паркот на Револуцијата“ преку Трговскиот центар и зградата на Управата за јавни приходи до Полициската станица. Оттаму маршот ќе продолжи кон Основниот суд и Обвинителство во Кочани.
-Овој марш е симбол на заедништво, достоинство и глас кој бара одговорност. Го посветуваме на ангелите што никогаш нема да бидат заборавени и на борбата за вистината која им ја должиме. Ги повикуваме сите граѓани, без разлика на вера, етникум или политичка припадност, да ни се придружат и заедно да покажеме дека правдата за нашите ангели е над сè, се наведува во соопштението на Здружението „16 -ти Март 2025 г. Кочани“.
По повеќе од шест месеци од трагедијата и три месеци од поднесувањето на обвинението, Кривичниот суд вчера соопшти дека го одобрило во целост обвинителниот акт за пожарот што се случи во кочанската дискотека во кој загинаа 62 – ца млади луѓе и над 200 беа повредени.
Од Кривичен објаснуваат дека имале проблеми со доставата, во диспозитивот не биле целосно наведени личните податоци на обвинетите, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд.
По одобрувањето на обвинението оформен е предмет, предметот е распределен, но судијата ќе биде познат од понеделник. Експертската јавност го критикуваше обвинението во кое се гонат сите обвинети за исто кривично дело, односно дека се директно поврзани со трагедијата.