Вицепремиерот Бојан Маричиќ во Топ Тема на Телма/Фото: Скриншот

Маричиќ: Сите се движат напред, ние заради инаетот на ВМРО-ДПМНЕ стоиме во место, граѓаните сакаат да ја видат Македонија во ЕУ

За вицепремиерот Бојан Маричиќ членство во ЕУ е сосема реална и достижна цел доколку наредните 4 години не ги загубиме со нови преговори со Бугарија па затоа фокусот треба да биде на преговорите со Унијата. Сите прашања, реципроцитет, одложено дејство и Стразбур подразбираат крупни и долготрајни преговори со Бугарија кои што во меѓувреме сите наши соседи ќе ги однесат пред вратите на ЕУ, смета вицепремиерот.

-Ние нудиме да продолжиме да преговараме со ЕУ. Имено ги направивиме сите предуслови за почеток на преговорите во еден тежок процес дојдовме до компромисот со Бугарија, имаме усвоена преговарачка рамка која ги заштитува нашите национални интереси,македонскиот јазик, неговиот статус и единствен услов за продолжување на преговорите уставните измени, а сите други прашања ги тргнавме надвор од преговарачката рамка и надвор од преговарачкиот процес ставајќи ги на билатерално поле каде што треба да ги решаваме со Бугарија,“ рече првиот вицепремиер и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ во Топ Тема на ТВ Телма.

Тој посочи дека, доколку по завршениот скрининг 15 месеци успешно оценет пофален од сите, завршен и веќе сме ги добиле двата извештаи за првиот кластер и вториот кластер, за темелни вредности и внатрешен пазар она што следува е комплетирање на преговарачките групи по изборите и планот за раст. Тој додаде дека се тоа е достижно во следните 4 години, да се заклучат преговорите до 2028 ако се искористат сите капацитети.

„Нам ни треба обновен консензус за ЕУ. Ние би биле најсреќни оваа тема да беше до сега завршена и затоа ја предложивме пред 2 години, затоа работевме на тоа и работевме на убедувањето на опозицијата да ние овие избори бидат растоварени од тој притисок. Затоа фактичката состојба ја побива тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека овие избори не се за нашето идно членство во ЕУ. Напротив овие избори се токму за тоа затоа што како што сами рековте додека БиХ добива преговори или одлука за преговори, додека Украина и Молдавија добиваат преговори и веќе го почнуваат скринингот, тие треба да ја усвојат за некој месец преговарачката рамка уште во оваа комисија. Сите се движат напред, ние решивме заради инаетот на ВМРО-ДПМНЕ да стоиме во место. Желба на повеќето граѓани да ја видат Македонија во ЕУ“, рече Маричиќ.

Според Маричиќ возможно е до 2028 година да ги завршиме преговорите со ЕУ, само ако ВМРО-ДПМНЕ прекине да ја блокира сопствената држава.

„Еве на пример да ги отвориме половина или 80% од поглавјата до 2024. Нашиот план доколку не беше блокадата од ВМРО-ДПМНЕ така ќе беше и ќе се оствареше. Ние во 2022 требаше да ги решиме уставните измени најдоцна 2023година, и сега веќе знаете дека имаше можност уште во декември месец да се отвори целиот прв кластер доколку беа завршени тие обврски, а доколку го отворевме првиот кластер веќе немаше да има пречка бидејќи имаме извештај за вториот и за вториот кластер веднаш да биде отворен кој што веќе дава околу 20-тина поглавја. Одприлика тоа што е ветено таму, значи тоа не е нереално очекување, но она што не го предвидовме е активната блокада на сопствената држава од ВМРО-ДПМНЕ и ние истото го кажуваме сега дека е возможно до 2028 да ги завршиме преговорите ако ВМРО-ДПМНЕ прекине да ја блокира сопствената држава,“ посочи Маричиќ во Топ Тема во врска со прашањето што е направено до сега и што можеше да биде завршено досега во делот со евроинтеграцијата на земјава.

Тој посочи и дека, се согласува дека треба да се бара консензус. Притоа, додаде дека од прв ден на позицијата вицепремиер, инсистира сите клучни документи кои ги изготвува секретарот за европски прашања да одат на Националниот совет за интеграција.

„Разговарав и со претседателот на Националниот совет, Александар Николовски, да направиме измени или да донесеме закон за преговори во кој што Националниот совет ќе има една силна улога во дискусијата и влијание врз преговарачките позиции. Значи, парламентот и опозицијата да добие улога во целиот процес за да Владата има посилни позиции затоа што ние и во тој дух ги испратив и ги дискутиравме и ги усвоивме со консензус патоказите за владеење на право на реформи во јавната администрација во Собранието,“ посочи Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот