Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Маричиќ ќе го замени Димитров на вицепремиерското место?

Дека ќе има промени индиректно потврди и самиот Димитров, кој најави дека ќе размисли дали ќе прифати да биде дел од новата влада што треба да биде предводена од Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров нема да биде дел од новиот владин состав, а на негово место доаѓа актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ, се неофицијалните информации до кои дојде „Слободен печат“. Дека ќе има промени во овој ресор индиректно потврди и самиот Димитров, кој во телевизиско гостување изјави дека ако му биде понудено, ќе размисли дали ќе прифати да биде дел од новата влада што треба да биде предводена од Димитар Ковачевски.

Актуелните министри за кои веќе излегоа информации дека нема да бидат дел од новата влада, сами се повлекуваат, веројатно за да го пресретнат лидерот на СДСМ и иден мандатар Димитар Ковачевски во намерата дека не смета на нив во новиот состав на „Илинденска“ бр. 2. Според информации на „Слободен печат“, Ковачевски во консултациите со партиските колеги не ги повикува сите на разговор, што се толкува како сигнал дека не ги планира во новиот владин кабинет.

Дел од шпекулациите за тоа кој ќе замине од Владата, се потврдија и денеска.

– Јас донесов одлука да не учествувам во новата влада со новиот мандатар. Во изминатите пет години, заедно со мојот тим, испорачавме политики во интерес на граѓаните, јас продолжувам да се борам и да ги застапувам истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и силата на жените и младите – изјави министерката за образование Мила Царовска, не прецизирајќи зошто заминува.

Засега нема одговор дали потегот на Царовска ќе го следи и министерката за култура Ирена Стефоска која, според информациите, нема да биде во тимот на Ковачевски. И за министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска идниот мандатар уште не пресекол дали ќе ја ангажира во новата влада. Неофицијално, Шахпаска не одлучила дали самата ќе се повлече. Таа досега немала средба со Ковачевски.

Претходно, и министерката за одбрана Радмила Шекеринска најави дека нема да биде дел од владата на Ковачевски. Министерот за здравство, пак, Венко Филипче изјави дека се повлекува од местото потпретседател на СДСМ, но по оставката на Зоран Заев од претседател на СДСМ, по автоматизам во оставка е целото партиско раководство. Смена се очекува и во ресорот транспорт и врски со кој раководи Благој Бочварски.

Според информациите, освен за Шахпаска, Ковачевски уште не одлучил дали ќе смета на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и за која позиција, како и на вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, кој неофицијално претендира за столчето на Шекеринска. Засега сигурни за новата влада се Маричиќ, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а неофицијално Ковачевски игра на картата заменичката во СДСМ и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, да стане дел од извршната власт.

Алтернатива ги претстави своите кадри за идни министри. Во ДУИ, освен рокадата на Јетон Шаќири од Министерството за информатичко општество и администрација во земјоделие, не се очекуваат никакви поместувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот