
Маричиќ го пречека ирскиот премиер Варадкар
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ го пречека премиерот на Ирска, Лео Варадкар, кој од попладнево е во посета на земјава.
Препорачано
-Денес му посакав добредојде во Скопје на премиерот на Ирска, Лео Варадкар. Премиерот Варадкар е во посета на Северна Македонија, која е дел од посетите на трите земји кандидати за членство во ЕУ од регионот. Неговата посета на Западен Балкан доаѓа во време кога продолжуваат преговорите за проширување на ЕУ, соопшти Маричиќ, оценувајќи ја посетата како позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и државата.
Во соопштението од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), се наведува дека на билатералните средби со ирскиот премиер Варадкар ќе се разговара за „локалните и регионалните безбедносни прашања“, како и за процесите што се во тек за членство во Европската Унија.
-Тема на разговор ќе бидат реформите потребни за влез во ЕУ, „предизвиците на Западен Балкан“, војната во Украина и Газа се дел од темите за кои ќе се разговара и на билатералните средби, како и споделувањето на искуството и знаењето за тоа како побрзо да стасаме до Европската Унија, велат од СЕП.
Освен со вицепремиерот Маричиќ, ирскиот премиер попладне треба да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски по што е планирана и заедничка прес-конференција. Ирскиот премиер ќе оствари средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски.