Судење Палчо 3 дел / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Манев со страшни детали – Палчо ги лажел дека ќе грабнат жена и потоа ќе бараат откуп

Грозоморни детали изнесе денеска обвинетиот за двојните убиства, Велибор Манев. Додека кажуваше речиси никој не остаана рамнодушен. Таткото се тресеше и со солзи излезе од судница додека Манев раскажуваше како Вања била грабната, а се расплака и обвинителката додека го читаше исказот на Манев кој го дал во Обвинителство

Љупчо Палевски Палчо им пукал во глава на малолетната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, сведочеше мирно и речиси без емоции Велибор Манев. Тој прв од обвинетите за двојното убиство ја кажа својата верзија пред судот за грабнувањата и за свирепите злосторства. Првообвинетиот Палевски, според него, смислил сè, а ним им најавил поинаква приказна од она што, всушност, подоцна се случило. Додека Манев зборуваше, Палевски ладнокрвно со пенкало сè запишуваше на лист хартија.

– Стасавме до местото Оризови Дупки, го отворивме гепекот. Палевски ја праша (Вања, н.з.) како се вика, која е, татко, мајка, сè ја прашуваше. Ни рече да ја извадиме надвор за да ја слика и да им прати слики на родителите. Ја откопчавме (вреќата) и видов дека е дете. Ние, јас и Влатко, му рековме дека ова е грешка и му рековме да ја пуштиме, дека сме под маски, нема видено никого од нас и да ја ослободиме. Палчо почна да кажува да престанам, дека ништо не разбирам, сè е таман, сè било чисто, немало за што да се бере гајле. Првичната сума што ни ја понудил, не ќе може да се земе, ќе биде помала. Додека гледав, Палевски пријде со пиштол и перниче в рака и ѝ пукаше во глава. Палевски се врати до пикапот и извади копач, лопата и ашов, неупотребувани. Ги фрли и ни нареди да ископаме дупка – рече Манев.

Според сведоштвото на Манев, и Жежовски бил убиен свирепо. Прво го грабнале и му го зеле „ситроенот“, го однеле во местото каде што претходно била ископана длабока јама, каде Панче требало да биде врзан за да не избега, но додека Манев го врзувал, Палевски му се приближил и му пукал на Жежовски во слепоочница. Манев се тргнал од местото и стоел настрана. Се тресел од тоа што го видел како го превртуваат телото на Жежовски во дупката.

– Му реков (на Палчо) дека не сакам вака да продолжам. Ниту сум помислил ниту сум сонил вакво нешто. Ми рече: „Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“ – тврдеше Манев.

По убиството на Панче, се вратиле во канцеларијата и додека Манев го прашувал Палевски зошто така се случило, Палчо му се развикал, му рекол дека ништо не знае, дека не разбира и дека сè било чисто.

Палчо им ветувал дека за грабнувањето ќе им даде 150 илјади евра

Според она што го кажа Манев, планот што му го кажал Палевски воопшто не бил да убијат некого, туку да грабнат некој пензионер, чиј автомобил ќе го искористат за грабнување, не на девојче, туку на жена на возраст од 38 до 40 години и потоа да бараат откуп за нив. Палчо им ветувал дека за грабнувањето ќе им даде 150 илјади евра. Во тој период, партијата „Десна“ немала пари и затоа им требале пари.

– Првично баравме објект каде што ќе бидат чувани. Едно попладне бев во канцеларијата на „Трета“ (тогашната партија на Палчо, н.з.), во „Шампионче“ во Кисела Вода. Ми рече дека објект е тешко да се најде и да одредиме место за земуница (скривница под земја), каде што може да ги чуваме грабнатите. Откако заедно го најдовме местото, реши тука да се направи земуницата – сведочеше Манев.

Манев ја потврди вистинитоста на снимките што ги презентираше Обвинителството, единствено имаше забелешка за времето на снимката што ја презентираше Обвинителството од пред неговата куќа.

Се познавал со сите обвинети, и со Палчо, и со Влатко Кешишев, и со Боре Видевски, и кажа дека заедно учествувале во грабнувањето, а за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање, кажа дека не го познава и дека никогаш ниту го видел, ниту комуницирал со него, ниту пак видел дека Палчо комуницира со него.

Не го познавал Александар Ѓорчевски

Манев се пожали на третманот на инспекторите во СВР Скопје.

– Почнаа физички да ме малтретираат, да ме тепаат, да ме газат за да почнам да зборувам. Ми покажаа слика од машко лице (од Александар Ѓорчевски, н.з.), ме прашаа дали го познавам. Реков дека ниту го имам видено ниту го имам контактирано. Ми рече дека тоа е таткото на детето. Ме праша дали Палевски разговарал со таткото. Му реков дека ниту знам со кого разговарал ниту сум му секретарка. Тука почна уште појака тортура за да кажам дека сум видел дека Палевски разговарал со таткото. Јас тврдев дека не го познавам човекот. Ме тепаа, еден ми стоеше со нога на глава, на колкот, ме клоцаа, ме маваа. Ми велеа дека имаат листа на повици, дека Кешишев им рекол дека се слушнале. Си реков, штом имаат толку докази, ќе кажам дека се слушнале само за да престанат со тортурата. Тој беше петтата личност која не е воопшто инволвирана – рече Манев.

Тој сам предложил да го грабнат Панче, кој му бил сосед и кого го познавал, затоа што му бил лут поради долг од 1.500 евра. Првично Палевски споменувал дека планирал да грабне ќерка на скопски бизнисмен, за потоа да им каже дека ќе грабнат ќерка на сопственик на фармацевтска компанија.

Манев бил лицето што ги однело полицајците до местото каде што бил закопан Панче, во Велешко, во местото викано „Дупки“.

– Целта беше да се чуваат таму грабнатите лица и да се пуштат откако ќе се изврши наплатата. Првично требаше Жежовски да биде грабнат за да се искористи неговото возило за грабнување на Вања, а потоа да биде грабната жена од 38-40 години и да се направи замена. Панче требаше да се пушти да си замине со колата, а жената да се чува додека не се изврши наплатата. Првично баравме објект каде што ќе бидат чувани. Едно попладне бев во канцеларијата на „Трета“. Палевски ми предложи да го оставам телефонот во канцеларија, а кога излеговме, ми рече дека објект е тешко да се најде и да одредиме место за земуница, каде што може да ги чуваме грабнатите лица – додаде Манев.

За грабнувањето на жената имале неколку неуспешни обиди, а потоа Манев опиша како ја грабнале Вања и како ја убил Палчо.

– Кога сабајлето стигнавме пред зградата, Влатко остана во „ситроенот“, а јас и Боре влеговме во зградата. Темно беше. Светлина доаѓаше од самиот влез. Одвреме-навреме Палчо ни кажуваше за времето, преку „моторола“. Во 7:20 јас бев под скалите, Боре чекаше со селотејп во раката и кога (Вања) се симнуваше, ја грабна, ѝ ја залепи устата со селотејп и ја повлековме под скалите во темното. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење. Влатко пред влезот нè чекаше со „ситроенот“, го отвори гепекот за да може да ја ставиме – сведочеше Манев.

Тој тврдеше дека и откако ја грабнале, не знаеле дека е девојче бидејќи било темница. Манев го возел „ситроенот“ на Жежовски и го следел Палевски, кој го возел „реното кангу“.

На прашање зошто по убиството на велешанецот Жежовски не се повлекол, Манев рече дека му било страв.

– Ми беше страв дека ќе ме отепа мене и мојата фамилија ако не му ја завршам до крај работата – рече Манев.

По убиствата, Манев комуницирал со Палчо и тој прво му кажал дека ќе оди за Москва, а потоа дека ќе оди за Истанбул. Поради тоа што исказите на обвинетиот Манев на денот кога беа пронајдени телата, не се поклопувале со денешниот, обвинителството ги читаше првите два искази на Манев дадени во декември 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот