
Манев: Не се бришат докази во кумановскиот суд, ниту се изгорени активни предмети
Не знам точно од кои години се предметите од архивата на судот во Куманово кои изгореа, но не изгора активни предмети, ниту, пак, во кумановскиот суд се бришат податоци и некакви докази, како што се шпекулира, изјави претседателката на Основниот суд во Куманово Снежана Манев за „Слободен печат“.
Препорачано
Тие информации ќе ги открие истрагата која треба да покаже како настана пожарот во подрумот на објектот ноќта во понеделникот кон вторникот, во кој изгоре голем дел од архивата на кумановскиот суд.
– Цел ден сме тука јас, раководителите, полицијата, обвинителите. Архивата во судот е стара, односно таму се сите предмети од 50-тите години од минатиот век, до денес. Досега никогаш не е направена судска архива и архивскиот материјал не е предаден, списите ги чуваме во подрум и таа состојба е позната. Сите предмети во подрумот се стари и решени постапки. Не станува збор дека гореле нови предмети или дека се бришат податоци, како што се шпекулира. Потенцирам, не се изгорени активни предмети – ни изјави судијката Манев.
Шефицата на кумановското обвинителство Теута Бедиу Рамадани соопшти дека увидот во судот е одложен за утре, по сугестија од противпожарната единица. Денеска во текот на целиот ден ќе има противпожарна стража пред кумановскиот суд, каде уште се чувствува миризба на чад.
– Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на ТППЕ Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови – изјави Бедиу Рамадани за МИА.
Покрај Рамадани, во увидот ќе учествува дежурен обвинител од ОЈО Куманово. Вишото обвинителство организирало да дојде и обвинител од Скопје за да се одбегне судир на интереси, бидејќи кумановското обвинителство е сместено во истата зграда. Ќе учествуваат и екипи од СВР Куманово, кримтехника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер.